Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаев најави нула толеранција за изборни злоупотреби

Заев најави нула толеранција за изборни злоупотреби

Испраќам порака до владините и до државните институции дека ќе има нула толеранција за изборни злоупотреби, рече премиерот Зоран Заев на денешната конференција „Одвојување на државата од политичките партии“, во организација на Граѓанската асоцијација „Мост“.

– Владата на Македонија гради институции за и на граѓаните и има цел на претстојните локални избори да ги заштити граѓаните од партиски злоупотреби. Вршителите на јавните функции нема да ги злоупотребуваат своите надлежности за партиски цели. Нема да има уцени, закани и заплашувања за партиски цели. Одвојувањето на партијата од државата е даден збор на новата влада. Врвен приоритет ни е одржувањето на фер и демократски избори. Владата ќе донесе мерки со кои ќе ги спречи кандидатите за градоначалници да користат државни средства – рече Заев.

Шефот на Делегацијата на Европска Унија, Самуел Жбогар, на лидерите на политички партии им порача да ги искористат локалните избори за да покажат демократски вредности.

– Примарно е политичките лидери што ги спроведуваат кампањите за изборите, да ги спроведуваат без насилство, заплашувања и без етнички тензии. Лидерите да го користат изборниот процес за да покажат демократски вредности. Изборите да бидат чекор напред во евроинтеграциите – вели Жбогар.

Во минатото имаше доволно примери за непочитување на принципот на одвојување на државата од партијата, смета Дарко Алексов, извршниот директор на „Мост“, кој порача дека сите сакаат да видат дека власта може и поинаку да се практикува.

– Треба прекршувањата на принципот на одвојување на државата од партијата да бидат истражени и соодветно санкционирани – додаде Алексов.