Tuesday, Nov 21, 2017
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаев: Можевме во МРТ да ја смениме целата гарнитура, но ќе ги почекаме реформите

Заев: Можевме во МРТ да ја смениме целата гарнитура, но ќе ги почекаме реформите

zoran zaev tv24

„Можевме во МРТ политички да ја промениме целата гарнитура, како што бил трендот и претходно, но во време кога зборуваме за реформи, меѓу кои едни од најзначајните се медиумските реформи, тоа треба да се случи со реформите. Заев не треба да поставува директор таму или, пак, СДСМ, ниту пак уредници“, рече премиерот Зоран Заев синоќа во емисијата „Отворено“ на „Телевизија 24“, прашан зошто доцнат реформите во МРТ.

Тој вели дека реформите треба да доведат до тоа експертите да го постават и менаџерскиот и уредничкиот тим на националниот радиодифузер.

– Со реформите ќе си дојде и начинот на експертското поставување и на менаџерскиот тим и на уредничкиот тим и слично – појасни премиерот.

Прашан кога може да се очекуваат првите чекори, тој рече оти верува дека тоа би се случило до крајот на годината.

– Законот е веќе во отворена дебата, во која учествуваат и синдикатите… Знам дека таа дебата мора да биде и доволно кратка и доволно долга за да биде транспарентна за сите укажувања. Знам дека веќе стигнале 17 укажувања за предлог-законот во АВМУ, кој е дел од целата таа реформа. Верувам дека до крајот на годината ќе има реализација на ваквите законски решенија – рече Заев.

Инаку, вчера Здружението на новинарите на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Советот за етика во медиумите на Македонија до Министерството за информатичко општество и администрација доставија забелешки за нацрт-законот за изменување и за дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Новинарските организации сметаат дека еден процент од буџетот на државата треба да се одвои за финансирање на МРТ, затоа што сметаат дека МРТ е недоволно опремена, нема дописничка мрежа, вработените имаат ниски плати, а потребен е нов искусен и квалитетен новинарски и друг креативен персонал.

Буџетот на државата за оваа, 2017 година, изнесува околу 3 милијарди евра, што значи дека за јавниот радиодифузен сервис, ако помине овој предлог, годишно би се издвојувале 30 милиони евра.