Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаев – Мицкоски: Потребно е учество на опозицијата во реформите

Заев – Мицкоски: Потребно е учество на опозицијата во реформите

Премиерот Зоран Заев, попладнево во Владата се сретна со Христијан Мицкоски, новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ , соопшти владината прес-служба.

„Средбата се реализираше низ конструктивен дијалог, иако за некои од темите се изразени различни мислења и ставови на двајцата соговорници. Премиерот Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, се согласија дека е потребно учество на опозицијата во реформските процеси“, стои во соопштението.

Соговорниците исто така заеднички констатирале дека патот на Македонија е во ЕУ и во НАТО и оти за тоа е потребен ангажман од сите политички субјекти, како на власта, така и на опозицијата.

Мицкоски по средбата не сакаше да открие детали. Тој рече дека разговарале за актуелни теми и оти очекува и во иднина да има вакви конструктивни средби.

– Јас сум оптимист, а некои ме сметаат дури за утопист – рече Мицкоски, додавајќи дека дијалогот помеѓу власта и опозицијата никогаш не бил закочен.

Тој рече дека по средбата со Заев има средба со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ; на која ќе се разговара за следните чекори на партијата, односно дали ќе се врати во Собранието и како ќе дејствува. Одлуката за натамошното дејствување на партијата, како што рече опозицискиот лидер, ќе биде соопштена утре.