Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаев: Лажни вести се информациите за договори со Албанците на штета на Србија

Заев: Лажни вести се информациите за договори со Албанците на штета на Србија

Без какви било предвремени заклучоци го почитуваме и поддржуваме повикот на официјален Белград да ги заштитиме билатералните односи меѓу Србија и Македонија и да воспоставиме стандарден кодекс на однесување, изјави премиерот Зоран Заев за српски „Блиц“ и изрази надеж дена на денешните разговори со претседателот Александар Вучиќ ќе се решат сите евентуални недоразбирања.

– Владата во Скопје никогаш ниту имала намера, ниту дала упатства за вршење какви било разузнавачки активности против која било соседна земја, вклучувајќи ја и Србија – рече Заев.

Тој вели дека владата е силно посветена на изградба на добрососедски односи со Србија.

– Уверен сум дека единствен конструктивен пристап е отворен и директен дијалог со сите прашања и пронаоѓање на взаемно корисно решение – вели Заев.

Премиерот Заев ги оцени како „лажни вести“ информациите дека македонската влада склучила договори со албанското малцинство на штета на српските интереси.

– Дозволете ми да бидам јасен, во нашата политика нема стратегија и политика на штета на Србија. Посветени сме на одржување и константна работа за јакнење на нашите билатерални односи со нашиот сосед, Република Србија. Нашиот пристап во надворешната политика за темели на политика на отворени врати, директен дијалог и добра волја која ќе решава проблеми, наместо да создава. Сметаме дека тоа е најефикасен начин за изградба на добрососедски односи, соработка и партнерство – рече премиерот.

Заев и Вучиќ денеска во 12 часот треба телефонски да разговараат за последните случувања во односите меѓу Белград и Скопје и повлекувањето на целиот персонал од Амбасадата на Србија во Македонија. Исто така се очекува денеска и шефот на македонската дипломатија Никола Димитров телефонски да разговара со својот српски колега, Ивица Дачиќ.