Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаев ќе се обрати пред Генералното собрание на Обединетите Нации

Заев ќе се обрати пред Генералното собрание на Обединетите Нации

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска ќе се обрати пред Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк и ќе се сретне со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Делегацијата предводена од премиерот Заев и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, учествува на 72. Генерално собрание на ОН кое неделава се одржува во Њујорк.

Првата дебата на Генералното собрание се отвори во вторникот, кога свое премиерно обраќање во ОН имаше претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп. Во своето обраќање Трамп меѓудругото порача да се направат структурни реформи во ОН со намалување на бирократијата и вработениот кадар.

Во текот на изминатите неколку денови Заев учествуваше на повеќе настани и имаше низа значајни средби со лидери од Европската Унија но и со лидери на други земји, а во понеделникот тој оствари кратка средба и со Трамп.

Меѓу останатите настани, Заев денес ќе се сретне и со Гутереш, а имаше работни средби со еврокомесарот Јоханес Хан и со Федерика Могерини, високата претставничка за надорешна политика на ЕУ. Тие потоа имаа заедничка вечера со лидерите од земјите на Западен Балкан.

Во рамките на ГС на ОН имаше низа значајни средби на високи официјални лица. Се одржа и ненајавена средба меѓу рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Рекс Тилерсон.

На оваа средба било дискутирано за регулирање на вооружениот конфликт во Сирија и почитување на минскиот договор за прекин на огнот во источна Украина.