Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаев и Ципрас разговарале за унапредување на билатералните односи

Заев и Ципрас разговарале за унапредување на билатералните односи

Унапредување на билатералните врски и спроведувањето на мерките за градење доверба, кои се особено важни за двете страни, беа дел од темите за кои телефонски разговарале грчкиот премиер Алексис Ципрас и премиерот Зоран Заев, соопштија од кабинетот на грчкиот премиер и додадоа дека двајцата премиери разговарале и за европската перспектива на Македонија, како и за развивањето на македонско-грчките врски и спорот за името.

Од кабинетот на Ципрас соопштија дека грчкиот премиер разговарал со Заев со цел да му честита за преземањето на премиерската функција во Македонија. Ципрас во разговорот ги повторил и потенцирал грчките позиции во однос на прашањето за името, а се разговарало и за перспективата на Македонија за прием во Европската Унија и НАТО.

Првата официјална средба меѓу високи претставници на грчката и на новата македонска влада, се очекува во текот на овој месец, откако минатата недела грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕиас го покани новиот македонски министер за надворешни работи Никола Димитров да ја посети Атина.