Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаев: И да победи на избори, Груевски нема коалициски партнер кај партиите на Албанците

Заев: И да победи на избори, Груевски нема коалициски партнер кај партиите на Албанците

ВМРО-ДПМНЕ знае дека ако оди на нови избори, ќе изгуби затоа што никој не може да го толерира ваквото безобразие и дрско однесување. Ова е коментарот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на ставот на ВМРО-ДПМНЕ, потврден и по вчерашната средба со еврокомесарот Јоханес Хан, дека единствен излез од кризата се или брзи избори или малцинска влада.

– Треба да се направи демократски трансфер на власта. Ако одат на избори, тие ќе изгубат, а ние ќе имаме неколку пратеници повеќе. По ова Ѓорге Иванов може да одлучи повторно да не го даде мандатот. Да претпоставиме дека Груевски на нови избори ќе добие 62 пратеници, со која албанска партија ќе коалицира тој – праша Заев, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ добро знае дека македонските граѓани и меѓународната заедница очекуваат конкретни чекори.

Прашан дали нешто се сменило по вчерашната посета на Хан и на тројцата европратеници, лидерот на СДСМ рече дека „и тоа како се смениле работите“.

– Вчера уште еднаш беше испратена пораката да се придвижат демократските процеси, во согласност со Уставот. Ова значи да се избере претседател на Собранието и да се даде мандат за составување влада. Оваа порака не може никој да ја занемари. ЕУ има убави намери во врска со Македонија. Еврокомесарот Хан вчера соопшти дека сака да бидат отворени поглавјата 23 и 24, поврзани со правосудството и со безбедноста. Тоа за нас е отворање дијалог, претпристапен дијалог, затоа што Грција го блокира отворањето на преговорите. Но, за нас ова значи преговори и движење на работите напред – рече Заев.

На новинарско прашање дали бриселската четворка на вчерашната средба споменала некакви санкции доколку продолжи блокирањето и одолговлекувањето на процесите, Заев рече дека на тоа прашање треба да одговорат претставниците на ЕУ.

Лидерот на СДСМ денеска со својот адвокат Ване Андреев дојде во Основното јавно обвинителство Скопје, да извршат увид во доказниот материјал од предметот со кој Заев, СДСМ како партија и уште едно лице вработено во партијата се осомничени за злоупотреба при организирање изборна кампања.

Заев пред да влезе во ОЈО изјави дека се дојдени да ја докажат својата невиност во врска со сомневањата за кои се товарат и дека по увидот во доказите, ќе ја подготват својата одбрана.