Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаев и Борисов ќе се поклонат на гробот на Гоце Делчев, а Џафери го говори на Мечкин камен

Заев и Борисов ќе се поклонат на гробот на Гоце Делчев, а Џафери го говори на Мечкин камен

Владиниот организационен одбор за прослава на 2 Август, во координација со Собранието на Република Македонија и со претседателот на Република Македонија, организира голем број свечености, чествувања и обраќања, кои почнуваат во 8 часот со посета на црквата „Свети Спас“ во Скопје и на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

Македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот бугарски колега, Бојко Борисов, ќе положат цвеќе на гробот на Гоце Дечев, по што свое обраќање ќе има претседателот на Владата.

Во рамки на прославата по повод 114-годишнината од Илинденското востание и по повод 73-годишнината од Првото заседание на АСНОМ, претседателот Ѓорге Иванов ќе положи свежо цвеќе пред спомениците на АСНОМ и на Никола Карев, а ќе се поклони и пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методиј Андонов – Ченто, каде ќе има свое обраќање.

Свечености по повод Првото заседание на АСНОМ ќе се одржуваат во Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце, каде ќе се обрати вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Централната прослава на 2 Август ќе биде на Мечкин камен во Крушево, а пред тоа во храмот „Свети Никола“ ќе биде одржана панихида.

Свечената програма на народниот собир на Мечкин камен ќе почне со пристигнувањето и со поздравот на коњицата, по што ќе следува церемонијата на положување свежо цвеќе на Споменикот на бранителите на Крушевската Република и со интонирање на химната на Република Македонија. На народниот собир пред присутните гости ќе се обрати претседателот на Собранието, Талат Џафери, по што е предвидена пригодна културно-уметничка програма.