Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаев и амбасадорите на ЕУ и на САД разговараа за реформите на безбедносните служби

Заев и амбасадорите на ЕУ и на САД разговараа за реформите на безбедносните служби

Делегација на Владата на Република Македонија, предводена од премиерот Зоран Заев, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, како и од вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, вчера со евроамбасадорот Семуел Жбогар, амбасадорот на САД, Џес Бејли, на Велика Британија, Чарлс Гарет, на Холандија, Воутер Пломп, на Шведска, Матс Стафансон, како и со амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Тејада, разговараше за заложбите на Владата за исполнување на предвидените активности во рамките на планот „3-6-9“ во насока на извештајот на Прибе, а кои се поврзани со реформите на разузнавачките и на безбедносните служби.

Како што соопштија од владината прес-служба, амбасадорите ја презентирале можноста во рамките на идните реформски активности во оваа насока да се вклучи Демократска контрола на вооружените сили (ДКВС) од Женева, посебно во поддршка на процесот на зајакнување на собраниската и на судската контрола врз службите.

Амбасадорите, како што се наведува во соопштението, искажале подготвеност на нивните влади да ги подржат овие суштински реформи во Македонија од технички и од финансиски аспект.

Заев на состанокот нагласил дека Владата се раководи од идејата реформата во оваа област да биде транспарентна, темелна и сеопфатна и да биде под целосна контрола на институциите.