Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаев ги прекина преговорите – Нема услови за избори

Заев ги прекина преговорите – Нема услови за избори

Зоран Заев, лидерот на опозицијата на денешната прес конференција изјави дека преговорите ќе прекинат бидејќи не се успешни и нема надеж дека ќе се превземат институционални мерки за организирање на фер избори во демократска атмосфера. Од владеачката партија веднаш возвратија дека Заев денес само докажал дека бега од избори и не сака да постигне договор.

zaev

„Преговорите се неуспешни, Никола Груевски во континуитет го минира договорот постигнат на 2 јуни. Тој одби да прифати споделени гаранции помеѓу власта и опозицијата, за враќање на демократските институции“ изјави Заев.

Тоа значи дека нема да прифати предвремени избори во април, бидејќи не може да се организираат без опозицијата. Следен чекор на СДСМ ќе биде повторно пуштање на „бомбите“ со прислушкувани разговори на претставници на власта.

Груевски не сакаше да дава дополнителни коментари за да не создаде штета на разговорите и да не биде погрешно сфатен, но неговата партија не остана должна за оценка на излагањето на Заев. „Со денешната прес конференција се докажаа нашите сомневања дека Зоран Заев и СДСМ не сакаат избори, се плашат од нив и бегаат, посебно поради денес објавената анкета на американскиот Интернационален републикански институт. Зоран Заев знае дека следните избори ќе ги загуби и затоа бега од нив”, е реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.