Заев до Ромео: Нема да дозволиме последици на штета на граѓаните и на државата
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денеска со италијанскиот амбасадорот Карло Ромео разговарал за политичката криза во Македонија.
На средбата, како што соопштуваат од партијата, е констатирана потребата од деблокада на демократските процеси во Македонија, во интерес на граѓаните и стабилноста и перспективите на државата.
-Македонија мора да оди напред. Парламентарното мнозинство ќе ги продолжи чекорите кон избор на нов собраниски претседател и избор на новата реформска Влада, според Уставот, Деловникот и законите во Република Македонија – изјавил Заев и нагласил потребата од разумност за мирен трансфер на власта преку почитување на демократските принципи.
Лидерот на СДСМ и амбасадорот разговарале и за ризиците од пролонгирање на деблокадата на демократските процеси.
Заев објаснил дека од сегашната ситуација трпат граѓаните, кои се во се поголема егзистенцијaлна криза, фирмите, кои веќе имаат проблеми со исплата на плати. Тој истакнал дека министрите во заминување можат да финкционираат само технички и дека од средината на мај и на градоначалниците и советниците ќе им престане целосно мандатот.
-Нема да дозволиме последици на штета на граѓаните и на државата за лични криминални интереси на поединци. Мнозинството граѓани гласаа за промени, квалитетен живот за сите, правда, евро-атлантска иднина на Македонија. Постои легитимно парламентарно мнозинство од 67 пратеници поддржано од околу 700.000 граѓани. Постои Програма на новата реформска Влада на унитарна Македонија. Никој нема право да запре демократските промени, рече Заев, на средбата со италијанскиот амбасадор, Ромео.