Tuesday, Mar 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаев – Борисов: Го активиравме моторот што ќе го повлече целиот регион напред

Заев – Борисов: Го активиравме моторот што ќе го повлече целиот регион напред

Заедничката седница на владите на Бугарија и на Македонија беше плодна, оцени денеска во Струмица премиерот Зоран Заев, на заедничката прес-конференција со својот бугарски колега, Бојко Борисов. Тој рече дека со денешната седница е „активиран уште еден од моторите што треба да го повлечат напред целиот регион“, пренесува „Мета“.

Заев истакна дека на седницата било разговарано за продлабочување на економската, како и на соработката во областа на енергетиката и на инфраструктурата, прекуграничната соработка. Тој рече дека се разговарало и за изградба на Коридорот 8 и за можноста за гасоводно поврзување на двете земји, како и на регионот.

– Денеска е усвоена заедничка декларација во која се нотирани сите наши заложби за подобрување на соработката во сите сфери. Со декларацијата ја потврдуваме желбата за зајакнување на односите во сите сфери, градејќи доверба и меѓусебно почитување и разбирање – рече Заев, додавајќи добрососедските односи се темел за стабилноста во Југоисточна Европа.

Бугарскиот премиер Борисов ја нагласи поддршката за Македонија во однос на членството во Европската Унија и во НАТО.

– Сакам само да кажам дека завчера, при средбата со претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, заедно со парламентарните групи од Европскиот парламент во Софија, јасно кажав дека сега е моментот да се искористи бугарското претседателство, а потоа австриското, романското и хрватското и за две години Западниот Балкан да не биде само во фокусот на вниманието на Брисел, туку реално да се придвижи. Убеден сум дека за два-три месеци ќе успееме да го намалиме роамингот. Убеден сум дека и Коридорот 8 ќе се развие. Нашата политика е политика за присоединување во економијата, енергетиката зошто тоа носи инвестиции и повисоки доходи. Луѓето сакаат работа, да имаат доходи, да може да патуваат и да прават бизнис, а ние сме должни да им го овозможиме тоа – рече Борисов, додавајќи дека перспективата на Македонија во НАТО е од важно значење и дека како влади ќе продолжат со низа практични дејства.