Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаев-Борисов: Договорот за добрососедство е историски чекор

Заев-Борисов: Договорот за добрососедство е историски чекор

Бугарија од денеска е уште поголем пријател на Македонија и наш сојузник во евроатланската перспектива, изјави премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со бугарскиот премиер Бојко Борисов, по потпишувањето на Договорот за добрососедство и за пријателство помеѓу Македонија и Бугарија.

– Потпишувањето на Договорот за добрососедство и за пријателство со Бугарија покажува дека таму каде што има политичка волја, прашањата ќе се решат. Македонија и Бугарија направија историски чекор напред и заедно го поставивме минатото како темел за иднината и отворивме пат за стабилност и за развој за двете држави. Овој договор е заемен успех и придонес кон политичка стабилизација и во државите и во регионот. Македонија и Бугарија покажаа одговорност кон своите граѓани. Нашето пријателство и добрососедтво се пример за тоа како сопирачката може да се претвори во мотор на соработка – изјави Заев.

Македонскиот премиер истакна дека договорот е и значајна порака до ЕУ и до НАТО дека земјите од регионот имаат политички раководства кои градат мостови поддржани од демократски граѓани.

Бугарскиот премер Бојко Борисов рече дека терминот заедничка историја е термин што дава перспективи и обединува, а не разделува.

– Ќе ја видите реакцијата во ЕУ, ќе биде позитивна, не знам дали е првпат, без посредници, без упатства од страна, да се дојде до сознанија дека дружбата и добрососедството се важни. Тоа ќе ја подигне конкурентноста, ќе нè направи силни, значителни и независни. Ние решивме да гледаме напред и убеден сум дека по 10 години резултатите од средбата ќе бидат видни за двете држави – изјави Борисов.

Заев како одговор на новинарско прашање рече дека претходната влада имала сериозен придонес во изработката на Договорот и тој заедно со Борисов ја повика ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи Договорот. Борисов рече дека „една сабота работите биле многу блиску до потпишување договор меѓу владата на Никола Груевски и влада на ГЕРБ“ и за вечерва најави средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Прашан за отстапките што ги направиле двете држави за да дојдат до Договорот, Заев рече дека одлучиле да гледаат на чашата како да е полуполна, а не полупразна за да може земјите да одат напред.

На прашањето од бугарска новинарка каква порака се испраќа со денешната средба и со потпишувањето на договорите до ЕУ, Русија и до САД, Борисов рече дека Договорот не треба никого да плаши, оти е насочен само на градењето перспектива за двете држави. Тој рече дека ни Србија ни Бугарија не треба да се почувствуваат загрозени од договорот и ја пофали храброста на Заев да го потпише Договорот.