Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаедно сите да му ја мислиме за Македонија, му порача Заев на Мицкоски

Заедно сите да му ја мислиме за Македонија, му порача Заев на Мицкоски

Можам само да му посакам среќа на новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и заедно сите да му ја мислиме за Република Македонија, изјави премиерот Зоран Заев прашан како го оценува изборот на Христијан Мицкоски за претседател на најголемата опозициска партија.

Тој истакна дека стабилни политички партии како ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ значат стабилност за Македонија.

– Завршувањето на конгресот на нашиот политички опонент и изборот на нов лидер треба да претставува перспектива и за државата. Очекувам конструктивен процес во Парламентот и критичен осврт од опозицијата – изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања по денешното рочиште за случајот „Поткуп“.

Прашан дали има најава за средба со Мицкоски, премиерот рече дека досега немаат ништо разговарано, но, оти ќе ја искористи првата прилика кога ќе има потреба за средба и ќе го покани новиот лидер на ВНРО-ДПМНЕ.

Околу прашањето дали очекува пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се вратат во Собранието, Заев изјави оти очекјува тие да ја коригираат својата одлука и да се вратат во законодавниот дом, бидејќи на дневен ред доаќаат важни прашања кои бараат двотретинско мнозинство.

– Учеството на опозицијата е неопходно за да имаме нормални и демократски процеси. Убеден сум дека опозицијата треба да биде составен дел од сето она што значи реформски процес, но и сето она што значи добри перспективи на Република Македонија. Таму каде што ќе успееме да се усогласиме, го очекувам и нивниот глас, таму каде што нема да се согласуваат со власта да бидат критични и против – рече Заев.

На прашањето дали ќе има нова средба со лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, Заев рече дека за ова прашање разговараат повеќе од еден месец, додавајќи дека ако одлуката на Алијансата донесена на вчерашното Централно собрание на партијата е да останата во Владата, се надева оти тоа значи и прифаќање на местото вицепремиер за реформи.

– Очекувам дека господинот Села, кој е лидер на млада партија, која најверојатно сака да се докажува, ќе го прифати понуденото потпретседателско место во владата за реформи. Очекувам таков чекор од партијата која води 20 сериозни сектори во државните органи. Не е возможно да сменам кој било од министрите кои се зафатија со својата работа од 1 ноември, веднаш по локалните избори – рече Заев.

Алијансата за Албанците на вчерашното Централно собрание одлучи да не ја напушта владината коалиција и да ги задржи своите претходни позиции.

Заев и Села имаат средба во четвртокот, минатата недела, по која лидерот на Алијанса за Албанците за медиумите изјави дека му дал предлог на премиерот „да стокми уште една друга позиција, што би била заменик премиер за носење бурек“, која потоа би им ја дал на ДУИ.