Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗабава наречена „Информативен разговор“ пред полициската станица во Центар

Забава наречена „Информативен разговор“ пред полициската станица во Центар

Во петок вечер пред полициската станица „Центар“ ќе се организира забава насловена како „Информативен разговор“, објави агенцијата Мета, повикувајќи се на најави од социјалната мрежа „Фејсбук“.

Забавата во петок е замислена како одговор на информативните разговори што ги наредува министерот за внатрешни работи Митко Чавков за да ги заплаши демонстрантите.

„Откако стапи на функцијата министер за внатрешни работи, нашиот ценет Митко Чавков се отвори кон граѓаните за информации. Човек учи додека е жив нели. По тој повод овој петок свечено Ве покануваме сите на „Информативен разговор“ во „Беко“. За музиката и информативните прашања ќе бидат задолжени диџеите „Kom And Dir“, резиденти во „Беко“ веќе долго време и познавачи на приликите и вкусовите на публиката. Информации ќе се разменуваат до утринските часови. Ве охрабруваме да ги поканите своите пријатели. Сепак, Митко е министер на сите нас и секој е добредојден. Повелете!“, пишува во образложението за настанот на социјалната мрежа Фејсбук.

Идејата за забавата доаѓа откако неколку членови на Хелсиншкиот комитет и демонстранти од Шарената револуција беа повикани на информативни разговори во полициската станица „Центар“, или попозната како  „Беко“. Полицијата ги казни со по 50 евра, или општокорисна работа, затоа што со боја фрлале кон фасадите на институциите и спомениците.