Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаЗа возачка дозвола ќе се полага со вклучена камера

За возачка дозвола ќе се полага со вклучена камера

Законот за безбедност во сообраќајот содржи неколку измени во споредба со претходните правила, за автошколите и кандидатите за возачи. Секое возило на автошколите мора да има вклучено камера, која ќе го следи текот на оспособувањето на кандидатот за возач, како и подготвеноста и техниката на самиот возач-инструктор.

Според најновите измени во Законот за безбедност во сообраќајот, секоја автошкола е должна за време на оспособувањето на кандидатот за возач да има вклучено камера во просторијата каде што се спроведува теоретскиот дел, како и во самото возило. За оние што ќе постапат спротивно на одредбите е предвидена парична казна од 4.000 евра, а прекршочен платен налог во износ од 300 евра ќе му се издаде на предавачот и на возачот-инструктор што постапува спротивно на одредбите на законот.

Министерството за внатрешни работи врши постојан надзор врз работата на автошколата во однос на исполнувањето на пропишаните услови за работа, начинот на оспособување на кандидатите за возачи и обврската за воспоставување и водење евиденција. Па така, во случај кога ќе се утврди дека автошколата не ги исполнува пропишаните услови за работа, а кандидатите за возачи не ги оспособува според наставниот план, МВР има обврска да го забрани вршењето на оспособувањето на кандидатите во времетраење од 30 дена, во кој период автошколата треба да ги отстрани утврдените недостатоци.

Автошколата не може да оспособува кандидати за возачи во периодот додека трае забраната, а ако се постапи спротивно на законските одредби, на истата автошкола ќе ѝ се изрече глоба во износ од 5.000 евра, а на одговорното лице во автошколата што постапува спротивно на одредбата ќе му се изрече глоба во износ од 30 % од одмерената глоба за автошколата.