Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАСветЗа Иран историски договор – за Израел опасност

За Иран историски договор – за Израел опасност

Израел со реакција за договорот за ограничување на иранската нуклеарна програма во замена за олеснување на санкциите против официјален Техеран. Обама се заканува со вето.

Според информациите од Виена, преговарачите постигнале компромис со кој инспекторите на ОН добиваат сеопфатен но не и автоматски пристап до нуклеарните локации во Иран. Укинувањето на санкциите ќе се одвива етапно и во замена за верификувано почитување на договореното од страна на Иран, а американскиот претседател Обама, кој се соочува со силен отпор од конгресот, под контрола на републиканците, најави дека ќе употреби вето на секој закон кој би имал за цел да го спречи реализирањето на договорот.

– Без дипломатско решение, јас или некој иден претседател на САД, ќе се соочеа со одлуката дали да се дозволи да развие нуклеарно оружје и дали да се искористи нашата армија за да се запре. Едноставно кажано, ако нема договор, поголеми се шансите за нови војни на Блискиот Исток. Уште повеќе, ние ништо не губиме ако тестираме дали овој проблем може да биде решен на мирен начин, изјави американскиот претседател Обама.

Иранскиот министер за надворешни работи, Мохамед Џавад Зариф, договорот го нарече “историски”, тврдејќи дека тој отвора ново поглавје на надеж во односите на исламската република со меѓународната заедница.

Договорот со Иран веднаш го осуди израелскиот премиер Нетанјаху, оправдувајќи го со стравувањето за безбедноста на еврејската држава.

– Нашата загриженост секако е дека милитантната исламска држава Иран ќе добие отворен пат кон нуклеарното оружје. Голем дел од ограничувањата кои требаше да ја спречат опасноста да дојде до тој степен, ќе бидат отстранети а покрај тоа Иран ќе го добие џекпотот, кеш средства од стотици милијарди долари кои ќе му овозможат да продолжи да ги спроведува својот терор и агресија во регионот и светот. Ова е лоша грешка од историски пропорции, оцени Нетанјаху.

Шесте држави, САД, Велика Британија,Франција, Кина, Русија и Германија бараат од Иран да ги намали своите нуклеарни активности за да се осигураат дека не може да создаде нуклеарно оружје. Во замена за тоа, властите во Техеран, бараат укинување на острите санкции и постојано инсистираат дека нивната нуклеарна активност нема воена компонента.