Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионВучиќ ги откажа посетите на ЕУ и САД

Вучиќ ги откажа посетите на ЕУ и САД

Актуелниот српски премиер и мандатар за состав на новата Влада на Србија, Александар Вучиќ ги откажа најавените посети на ЕУ и САД, објави белградскиот весник „Политика“, додавајќи дека засега нема официјално образложение за причините за откажување на посетите.

Весникот потсетува дека Вучиќ имаше закажано посета на Брисел за 21 јуни, каде требаше да има средби со официјални претставници на ЕУ, а на 23 јуни пак требаше да патува со првиот лет на „Ер Србија“ од Белград за Њујорк, каде имаше закажано разговори со американски претставници.

-Посетите на Брисел и заминувањето во САД беа одамна закажани и детално планирани, така што откажувањето на патувањето во Брисел и на средбите во Њујорк претставуваат големо изненадување и може да имаат далекусежни политички последици, наведува „Политика“.

Според весникот, Вучиќ решил да ги откаже посетите за време на викендов „по телефонски контакти со највисоки претставници на Европската унија“.

Откажувањето на посетите следи откако таблоидот „Информер“ вчера ги обвини американскиот амбасадор во Белград, Кајл Скот и шефот на Мисијата на ЕУ во Србија, британскиот дипломат Мајкл Девенпорт дека „се покровители на заговор против Владата и Вучиќ“.