Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионВучиќ подготвен да оддаде почит на жртвите од Сребреница

Вучиќ подготвен да оддаде почит на жртвите од Сребреница

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека е подготвен да им оддаде почит на жртвите, на одбележувањето на 20-годишнината од масакрите, но дека не ја поддржува резолуцијата на ООН, што настаните ги осудува како геноцид. Вучиќ изјави дека е подготвен да присуствува на комеморацијата што ќе се одржи на 11 јули, во спомен на повеќе од 7.000 бошњачки мажи и момчиња од Сребреница, кои во 1995 година, беа масакрирани од силите на босанските Срби.

„Ако Бошњаците сакаат и ако тоа не е дополнителен товар за нив, јас сум подготвен да им оддадам почит на муслиманските жртви во Сребреница“, изјави Вучиќ за медиумите. Сепак, Белград не ги признава масакрите како геноцид и Вучиќ рече дека српската влада не го поддржува нацрт текстот на предлог резолуцијата на Советот за безбедност на ООН, со која се осудуваат убиствата и негирањето дека е извршен геноцид. Според него резолуцијата би предизвикала тешки политички и правни последици за Србија.

Од кабинетот на српскиот претседател, Томислав Николиќ, оваа недела беше соопштено дека Белград треба да побара од Москва да го искористи нејзиното право на вето, за да го блокира можното усвојување на предложената резолуција.
Сепак, Вучиќ додаде дека Белград нема да побара од Москва да ја блокира резолуцијата и додаде дека владата ги информирала петте постојани членки на Советот за безбедност, за својот став.
srebrenica
Тој истакна дека Србија нема да „престане да се бори против оние што ја валкаат честа на српскиот народ во Сребреница“.

„Постојат некои што ги извршиле најлошите злосторства и јас сум подготвен да се поклонам и да им оддадам почит на невините жртви“, рече тој.

За време на конфликтот во 90-тите во Босна и Херцеговина, Вучиќ беше еден од водечките членови на тврдокорната националистичка Српска радикална партија, на чиј лидер, Воислав Шешељ, денес му се суди за воени злосторства во Хашкиот трибунал. Тој ја напушти партијата во 2008 година и зазеде проевропска позиција.

Како и претходните години, српскиот претседател Николиќ, реши да не присуствува на комеморацијата. Во 2013 година, тој им се извини на бошњачките жртви од масакрот. Досега, само еден претседател на Србија, го посети меморијалниот центар во Поточари во близина на Сребреница. Тоа беше Борис Тадиќ, кој го направи тоа во 2010 година.

Србија „нема да престане да го гони Насер Ориќ“
Вучиќ, на прес-конференцијата во петок, изјави дека Србија, не се откажува од барањето за екстрадиција на поранешниот командант на босанската армија во Сребреница, Насер Ориќ. Додаде дека Ориќ, кој беше уапсен во Швајцарија овој месец, врз основа на потерница распишана од Србија, во која тој е обвинет за воени злосторства над Србите во близина на Сребреница во 1992 година, заслужува да биде кривично гонет.
naser-oric-1409607868-560933
Вучиќ прочита дел од изјавите на сведоците што тврдат дека Ориќ издал наредба да се „исчисти“ селото Залазје и другите српски села околу Сребреница, давајќи и на својата единица одврзани раце „да прави што сака со затворениците, да не остават зад себе ниту пиле, ниту свиња“. Истакна дека Србија е „подготвена на се, за да ја зачува политичката стабилност“, но дека некои злосторства, не можат да се занемарат.

„Србија не смее да се откаже од барањето за екстрадиција на Насер Ориќ“, рече тој. Ориќ, од страна на Хашкиот трибунал, во 2008 година, беше ослободен од обвинението за воени злосторства против Србите во областа на Сребреница.