Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВрхушката на ВМРО-ДПМНЕ барала амнестија – Заев не прифатил

Врхушката на ВМРО-ДПМНЕ барала амнестија – Заев не прифатил

Имаше барања од врхушката на поранешната владејачка партија, но тие барања беа отфрлени, изјави синоќа премиерот Зоран Заев во интервју за националниот сервис МРТВ, одговарајќи на прашањето дали во изминатиот период имало разговори за амнестија на функционери од ВМРО-ДПМНЕ. Тој истакна дека правдата мора да важи за сите, односно дека дури и неговите најблиски соработници и членови на семејството ќе треба да одговараат доколку го прекршат законот.

Новата Влада нема да урива и да разместува споменици, затоа што тоа значи дополнителни трошоци, рече Заев. Сепак, тој истакна дека „сака барем една фасада да соголи за да покаже колку е тоа грдо“, но дека тоа е само лична желба, а како премиер не може да дозволи такво трошење пари на граѓаните, како и дека е ставен мораториум за изградба на споменици.

Просечната плата од 500 евра веројатно ќе стане реалност во 2019 година, изјави Заев, додавајќи дека тоа е две и пол години од почетокот на мандатот на новата влада.

Тој, во интервјуто на националниот сервис со уредници од телевизиите, рече дека потребни се консултации за да се види каде треба да се направат промени за да се зголеми економскиот пораст кој ќе придонесе за зголемување на просечната плата. Во однос на минималната плата, рече дека таа, исто така, постепено ќе се менува за да не се нанесе штета на компаниите, односно да не доведе до отпуштање на вработени и до затворање на фирми.

Во однос на изборот на Рамиз Мерко за вицепремиер за странски инвестиции, премиерот истакна дека поранешниот градоначалник има добра комуникација со албанската дијаспора и оти негова задача ќе биде да ги убеди да инвестираат во Македонија.

На прашање дали веќе знаат кој ќе биде новиот директор на Управата за јавни приходи, Заев рече дека сè уште не се знае и дека тоа ќе се одлучи во следните 10 до 15 дена. Тој истакна дека економската ситуација во земјата не е сјајна, односно дека во буџетот нема 130 милиони евра, туку само шест милиони евра. Во однос на јавниот долг, истакна дека тој ја надминал ликвидноста на буџетот, односно дека изнесува повеќе од 50 отсто од домашниот бруто-производ. Премиерот истакна дека веќе има доспеани неевидентирани обврски, за кои треба да се информира јавноста и оти веројатно има скриен долг од околу една милијарда евра.

Премиерот изјави дека планира експертската бранша да биде вклучена во изборот на јавниот обвинител, но и експерти да ја водат државната телевизија.

Заев истакна дека разрешувањето на јавниот обвинител и измените во судството се неопходни, имајќи предвид дека проблемите со правосудниот систем се постојано нотирани во извештаите на Европската комисија.

– Размислувањата кои ги имам јас се како да дојдеме до постапка да мотивираме за функцијата јавен обвинител независни луѓе, кои немаат никаква поврзаност со политика, а имале гласни ставови, некој кој оставил впечаток пред граѓаните и е подготвен да се фати во костец. Процесот на одлучување почнува со заминувањето на Марко Зврлевски. Ако порано почнеме со реформите, побрзо ќе стигнеме до целта – рече Заев и ги повика сите заинтересирани експерти и претставници од судската бранша да се произнесат јавно, за јавноста да може да ги оцени и да има јавна дебата.

Новиот премиер рече дека јавниот сервис мора да биде раководен од експерти и оти не смее да се случи да стане само гласило на власта.

– Укинувањето на радиодифузната такса ќе биде направено со пакетот за реформи во медиумите. Не може сега да ја укинеме, а финансирањето да стапи на сила во 2018 година – рече Заев, додавајќи дека новата влада нема да има рекламни кампањи, туку сè што ќе спроведуваат преку соопштенија ќе се пласира на јавниот сервис.

На прашање дали е можно заедно со локалните да се одржат и предвремени парламентарни избори, Заев истакна дека веќе има ново парламентарно мнозинство и дека нема потреба од нови парламентарни избори.

Во однос на спорот за името, рече дека опозицијата ќе биде вклучена во целиот процес и изрази надеж дека ќе успеат да ја убедат, како што рече, пријателска Грција, да не ја блокира Македонија на патот кон НАТО и „да дозволи да влеземе под референцата“.

Заев рече дека во телефонски разговор, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, му најавил дека во текот на летото ќе дојде во Македонија и „дека ќе донесе добра вест“.

Тој истакна дека кон крајот на месецот, заедно со министрите од неговата влада ќе замине во официјална посета на Бугарија, чиј приоритет за време на претседавање со ЕУ ќе биде зачленувањето на Македонија во Унијата.