Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВрховниот суд ја одложи јавната расправа за „Монструм“ за 3 октомври

Врховниот суд ја одложи јавната расправа за „Монструм“ за 3 октомври

Јавната седница за случајот „Монструм“ што требаше да се одржи денеска во Врховниот суд е одложена за 3 октомври, поради тоа што полицијата не донела еден од петмината осудени за петкратното убиство кај Смилковското Езеро.

Поради ова и другите четворица осудени биле известени дека нема услови за да се одржи јавната седница.

Според адвокатот на обвинетите Насер Рауфи, Специјалното јавно обвинителство треба да го преземе предметот за да се дознае вистината.

– СЈО има компетенции и треба да го преземе овој случај, затоа што само на тој начин ќе се дојде до вистината за овој предмет, изјави Рауфи.

Врховните судии на јавна седница треба да ги разгледаат жалбите за доживотните затворски казни, кои на осудените им ги изрече Основниот суд, а ги потврди и Апелацискиот суд. Седницата досега беше неколку пати одложувана.

Во случајот пред Врховниот суд постапува обвинителката Лилјана Спасовска, која неодамна беше назначена за вршител на должноста државен јавен обвинител на местото на разрешениот Марко Зврлевски.

Петтемина обвинети беа осудени на доживотен затвор за петкратното убиство кај Смилковското езеро, кое се случи на 12 април 2012 година.