Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВрховен суд после Велигден ќе се произнесе за „бомбите“

Врховен суд после Велигден ќе се произнесе за „бомбите“

Врховниот суд по Велигденските празници ќе ги разгледува двата предлога на претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски „бомбите“ од прислушуваните разговори да не се користат како доказ во кривична постапка, и Специјалното обвинителство да се прогласи за неовластено да поднесува Барање за заштита на законитоста, потврдија за Макфакс од највисокиот суд во државата.

На вчерашната седница која траеше повеќе од три часа, врховните судии, одбиле да гласаат „за“ т.н. реферати поднесени од претседателот на судот, Јово Вангеловски.

Извори од Врховен за Макфакс, тврдат дека кај дел од врховните судии се појавила дилема зошто судот треба да одлучи бомбите да не може да бидат користени како докази во постапките, кога Кривичниот суд Скопје 1, а потоа и Апелациониот суд Скопје, ги прогласија за невалидни докази во постапките.

Седницата на Врховен почна завчера, кога беше отфрлено барањето за изземање на Вангеловски од Кривичниот совет кој треба да решава за укинување на притворот на бизнисменот Сеад Кочан, потоа за приговорот на екс-претседателката на Врховниот суд Лидија Неделкова, која е отстранета од одлучувањето во Кривичниот совет, бидејќи таа јавно се изјаснила дека СЈО е надлежно за Кочан, а не Јавното обвинителство на Марко Зврлевски.

Одбиени беа и сите 17 приговори од судиите од Основниот суд Скопје 1, незадоволни од тоа како новиот претседател Стојанче Рибарев ги премести од нивните оддели, работни места и предмети. Судиите кои поради истите неправилности гласале против претходниот распоред на ВД претседателката Татјана Михајлова пред еден месец, завчера гласаа против поднесените приговори по истите основи.