Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВрховен ги бара списите од СЈО за да одлучи за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ

Врховен ги бара списите од СЈО за да одлучи за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ

Врховниот суд доставил ургенција до Специјалното јавно обвинителство, во кое ги бара списите за да одлучува за предметот за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ, во случајот Талир. Од тимот на Јанева за „Макфакс“ велат дека ургенцијата е примена и во најскоро време, СЈО ќе постапи по барањето, а тоа значи дека ќе бидат побарани потребните одлуки, документи и списи од Кривичниот суд.

Станува збор за зградата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, која е дел од имотот што СЈО бара да биде приврeмено одземен во рамките на случајот „Талир“, во кој високи функционери на партијата, меѓу кои и лидерот Никола Груевски, се товарат за незаконско финансирање на партијата и за перење пари. Врховниот суд треба да утврди дали е законито решението на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, со кое е одбиено нивното барање за обезбедување на дел од имотот на една политичка партија.

СЈО на 22 мај оваа година поднесе барање на партијата привремено да ѝ биде одземен имот, односно судот да донесе мерка за забрана за отуѓување на недвижен имот со ставање хипотека поради основано сомневање дека потекнува од кривично дело – злоупотреба на службена положба и овластување. И судијата на претходна постапка и Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 го одбија барањето.

„Со барањето за заштита на законитоста, укажано е на неопходноста од толкување на Законот за финансирање на политичките партии во согласност со меѓународните стандарди, врз основа на кои овој закон е донесен, и на околноста дека рестриктивното толкување на првостепениот суд на споменатиот закон е во спротивност и со заложбите за спречување корупција како неопходен услов за градење демократско општество и почитување на принципот на владеењето на правото“, напишаа тогаш обвинителите на СЈО во соопштението.