Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАСкопјеВработените во град Скопје ќе се возат на електрични скутери

Вработените во град Скопје ќе се возат на електрични скутери

Вработените во град Скопје ќе се возат со електрични скутери. Градот Скопје стана прва локална самоуправа во Република Македонија која што набави електроскутери за потребите на градската администрација. Новите 5 електроскутери денеска ги промовираше градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

– Градот Скопје со набавката на овие 5 електроскутери го направи првиот директен чекор кон електромобилност во Скопје со примена на нови технологии, движење со нула емисии на штетни издувни гасови, почиста и поздрава животна средина и намалување на трошоците за одржување. Скутерите ќе ги користат службите на Град Скопје – инспекторите, комуналните редари и други. Набавените скутери ги имаат следните карактеристики: максимална брзина од 45 километри на час; време на полнење 4 до 5 часа, со едно полнење скутерот поминува 50 километри, а што е најважно, возењето 100 километри со ваков скутер ќе чини 10 денари, што претставува 70 до 80 проценти заштеда во споредба со потрошувачката на еден скутер што користи нафтени деривати – рече Трајановски.

Скутерите може да се полнат на било кој извор на електрична енергија, како и во станицата за полнење електромобили во катната гаража „Македонска фаланга”, на улицата Свети Кирил и Методиј. Во наредниот период Град Скопје ќе набави и еден електроавтомобил и 5 електровелосипеди за потребите на градската администрација. Електричните скутери градот го чинеле 750.000 денари.