Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаВозачи подгответе се на време – Од 15-ти (недела) задолжителна зимска опрема

Возачи подгответе се на време – Од 15-ти (недела) задолжителна зимска опрема

Иако продолжува топлото и пријатно време овие денови, согласно новиот Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата, моторните возила и мобилните машини, кога учествуваат во сообраќај на пат, во периодот од 15 ноември до 15 март, задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема.

Притоа, според Правилникот за задолжителна опрема:

1.   Задолжителна зимска опрема на моторни возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 kg претставува:
– Зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарата од 4mm или доколку возилото поседува летни пневматици со минимална длабочина на шарата од 4mm да поседува синџири за снег кои одговараат на големината на погонските тркала.

2.   Задолжителна зимска опрема на моторни возила со погон на сите тркала (4×4) претставува:
– Зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарата од 6mm или летни пневматици со минимална длабочина од 4mm, доколку возилото поседува синџири за снег најмалку за задната осовина во случај кога возилото има постојан погон на сите тркала, или синџири за снег најмалку за погонските тркала кога возилото има преклопив погон.

3. Задолжителна зимска опрема на моторни возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 kg претставува:
– Зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарата од 6mm или доколку возилото има летни пневматици со минимална длабочина на шарата од 4mm, да поседува синџири за снег соодветни на големината на пневматиците.
– Автобусите и товарните возила кои неможат да постават синџири на тркалата задолжително треба да поседуваат зимски пневматици на погонските тркала како и прирачен алат.

Според Правилникот, зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака „MS“, „M+S“, „М&S“ како и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва. Исто така според Правилникот, во патниот сообраќај не се поставуваат пневматици со клинци.