HomeДЕНЕШНАРепубликаВонредна состојба на границите поради мигрантите и следната година

Вонредна состојба на границите поради мигрантите и следната година

Комисијата за одбрана и за безбедност и Законодавно-правната комисија во Собранието на Република Македонија денеска ќе го разгледуваат предлогот за продолжување на кризната состојба на јужната и на северната граница поради мигрантската криза. Ако предлогот биде усвоен, наместо до 31 декември оваа година, кризната состојба ќе трае до 30 јуни 2017 година, пренесе Мета.

Продолжувањето на кризната состојба е на барање на Владата, која на седницата на 5 октомври го усвоила записникот на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи.

Ваквото барање на Владата, стои во предлогот за изменување на одлуката за продолжување на рокот на кризната состојба, е за да се обезбеди „конинуитет во вршењето на активностите од страна на силите на Армијата на Република Македонија (АРМ) и безбедносните сили на Министерството за внатрешни работи (МВР), во функција на обезбедување, заштита и чување на државната граница, како и врз основа на извештајот за направена процена и сеопфатна анализа“.

Кризната состојба поради мигрантската криза беше воведена кон крајот на август минатата година, кога десетици илјади мигранти од подрачјата зафатени со војни на Блискиот Исток и во Северна Африка транзитираа низ територијата на земјава на пат кон западноевропските земји. Собранието на барање на Владата неколкупати го продолжуваше траењето на кризната состојба, а последен пат ваква одлука беше досена на 18 март годинава. Со таа одлука, вонредната состојба на јужната и на северната граница беше предвидено да трае до 31 декември 2016 година.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com