Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВо Македонија има 338 регистрирани заразени со ХИВ-вирусот

Во Македонија има 338 регистрирани заразени со ХИВ-вирусот

Граѓаните кои не го знаат својот ХИВ статус да направат ХИВ тест во најблиските центри за тестирање, кое е бесплатно, доброволно и доверливо, а резултатите ќе ги добијат за помалку од 30 минути и се загарантирани – порачаа денеска на прес-конференција од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.

Светлана Војновска од ХЕРА рече дека целта на Европската недела за ХИВ, чие одбележување почнува утре и ќе трае до 24 ноември, е подигнување на свесноста за придобивките од ХИВ тестирањето и потикнување и мотивирање поголем број граѓани да го направат и да го дознаат својот ХИВ статус.

– Последната информација која ја имаме е дека во Македонија во моментов има 338 регистрирани ХИВ случаи од кои 190 се на терапија. Како и на глобално ниво доминантен е сексуалниот начин на пренос на ХИВ. Последните статистики покажуваат дека едно од четири лица од околу 1,2 милиони лица кои живеат со ХИВ во Европа не се свесни за својот ХИВ статус. Половина од нив се дијагностицирани доцна, а со тоа се одложува и пристапот до терапија – истакна Војновска.

Лицата кои живеат со ХИВ и навремено се дијагностицирани и веднаш почнат со антиретровирусна терапија, појасни таа, живеат долг и квалитетен живот и можат да планираат безбедно родителство без ризик од пренос на ХИВ.

– Студијата направена од експертски тим на Светска банка и Министерството за здравство проценува дека во 2014 година во Република Македонија само 50 отсто од лицата кои живеееле со ХИВ биле дијагностицирани, што говори дека останатите 50 отсто не биле свесни за својот ХИВ статус – додаде Војновска.

Војо Иванов од ХЕРА рече дека во текот на Европската недела, Младинскиот центар „Сакам да знам“ на Водно ќе работи со продолжено работно време, односно ќе нуди советување за ХИВ и тестирање со брзи ХИВ-тестови секој ден од утре до 24 ноември во период од 15 до 21 часот. Посочи дека по 24 ноември Центарот ќе биде достапен бесплатно три пати неделно.

– Бесплатна за преземање е и мобилната апликација ХИВ тест на гугл плеј, која дава информации за ХИВ и за најблиската локација каде што може бесплатно да се добие советување за ХИВ и да се направи ХИВ-тест – додаде Иванов.