Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаВо Македонија бројот на депресивните пораснал за 37 отсто

Во Македонија бројот на депресивните пораснал за 37 отсто

Во Македонија бројот на болнички лекувани пациенти од депресија и од депресивно растројство се зголемува со тек на годините. Во 2010 година бројот на болничко лекувани изнесувал 585, од кои 196 мажи и 389 жени, а во 2015 година тој број изнесувал 803 од кои 257 мажи, а 546 жени, што претставува пораст на болничко лекувани пациенти од 37 проценти.

Ова денеска го истакна директорот на Институтот за јавно здравје на Република Македонија, Шабан Мемети на прес-конференција по повод 7 април, Светски ден на здравјето кој е посветен на потребата од превенција на депресијата, а мотото е „Депресија: Ајде да разговараме!”.

Депресијата, посочи тој, предизвикува ментална болка, влијае на луѓето и им ја намалува способноста за извршување на секојдневните едноставни задачи. Потенцира дека последиците понекогаш можат да бидат катастрофални во однос на семејните и пријателски врски.

– Лицата кои боледуваат од депресија не можат да ги извршуваат своите професионални обврски и како последица на тоа се доведува во прашање нивната егзистенција. Во најлош случај депресијата може да доведе до самоубиство, рече Мемети.

Нагласи дека Светската здравствена организација соопштила дека бројот на лицата кои живеат во депресија е зголемен за повеќе од 18 проценти во споредба со периодот меѓу 2005 и 2015 година.

– Повеќе од 80 проценти од лицата кои живеат со депресија се во земјите со низок и среден животен стандард. Депресијата може да се спречи и третира. Колку повеќе и подобро разбереме што е депресија и како таа може да се спречи и да се третира, толку се поголеми шансите за намалување на стигмата и можностите што поголем број луѓе да побараат помош, додаде Мемети.

Проф.д-р Антони Новотни од Универзитетската клиника за психијатрија, кој е национален советник на СЗО за ментално здравје, рече дека депресијата е болест која се лекува и е втора причина за инвалидитет во светот.

– Секој петти човек развива симтоми на депресија, а 75 отсто од луѓето со голема депресија не се лекуваат. Четириесет милиони лица со депресивни нарушувања има во регионот Европа, a 128.000 годишно извршуваат самоубиство. Оваа болест доведува до самоубиство и е втора водечка причина за смртност во светот кај возрасна популација од 15-29 години веднаш по сообраќајните несреќи, истакна Новотни.

Во врска со причините за појава на депресија, потенцира дека покрај генетската предодреденост влијаат и надворешните стресогени фактори, животните проблеми, искуства…

Додаде дека треба да се подобри квалитетот на животот, да се свртиме кон поубавите работи, да се внимава на менталното здравје, да се прави баланс меѓу работата и приватниот живот, а доколку се добијат симптоми на депресија да се побара здравствена помош.

Раководителот на секторот за промоција на здравје при Институтот за јавно здравје, Елена Ќосевска, во врска со препораките на СЗО рече дека треба да се почитува говорот на лице со депресија, а тоа треба да избегнува ситуација која му делува негативно и да побара помош од стручни лица.

Укажа дека лицата кои страдаат од депресија треба да останат поврзани со околината, семејството и пријателите, да избегнуваат внесување алкохол, да земаат лекови кои ги препишал лекар, редовно да шетаат и да вежбаат.

Oдговарајќи на новинарско прашање Новотни рече дека има доволен број психијатри на Клиниката и дека специјализациите се одобруваат. – Седативите се полош избор од лековите против депресија, додаде Новотни.