Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВо институциите има премногу вработени, а премалку стручни кадри, соопшти Манчевски

Во институциите има премногу вработени, а премалку стручни кадри, соопшти Манчевски

Макотрпна работа го чека новиот министер за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски. Тој најави дека нема да отпушта луѓе од јавната администрација, иако таа е многу гломазна, но дека ќе има нејзино реформирање за да биде поефикасна. Главно прашање што се наметнува сега е како ќе се спроведе тоа.

Манчевски за денеска најавува јавна дебата за итните реформски приоритети, но вели дека јасна претстава и конкретни чекори во службите може да се преземат откако ќе се сменат раководните кадри.

– Не можеме да спроведуваме реформа на чело со луѓе што се причина за распадот на системот, така ќе замолам за малку трпение на оваа тема – ни рече Манчевски, но не најави кога може да се очекуваат смените на раководните кадри.

Едно од ветувањата пред изборите беше дека во одделни служби на јавната администрација ќе се воведе втора смена. Тоа е едниот начин за решавање на превработеноста, но и начин како да се задоволат потребите на граѓаните, кои сега за многу услуги мора да излегуваат од работа. Во кои служби ќе има втора смена, Манчевски вели дека сè уште не е одлучено.

Според изјавите на претходната министерка Марта Арсовска-Томовска, дадени во март минатата година, во јавниот сектор активни се 1.291 институција, во кои работен однос имаат засновано 129.653 лица.

Манчевски во интервју за „Макфакс“ изјави дека станува збор за нова обработка на податоците.

– Бројката на вработени е околу 120.000 илјади. Работиме на обработка на податоци и набрзо ќе имаме точна бројка. Свесни сме дека оваа бројка е висока, но ќе се обидеме да направиме реорганизација и релокација на ресурсите, со цел сите овие вработени луѓе да бидат ефикасни. Првично за што се залагаме, а како што најавивме, е луѓето да се ослободат од партиските стеги. Нема да има повеќе притисоци врз административците, нивна задача е да работат совесно, транспарентно и во рамките на законот. Мора веќе да се смени тој однос кон државните службеници – рече Манчевски.

Тој најави дека ќе врши и распределба на 1.600 административци што не се ангажирани и седат дома.

Претседателот на Синдикатот на работници од управа, правосудни органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) Пеце Ристевски вели дека ќе се залагаат за зачувување на секое работно место.

– Ние сме синдикат и нормално е да се бориме за работните места на вработените. Но, секако дека е добро што постои законска можност за нивна прераспределба за да се направи поефикасна администрацијата. Ние нема да бидеме против такви решенија доколку не се загрозува статусот на вработените – вели Ристовски.

Според ставките во Буџетот, за годинава за плати и надоместоци во администрацијата ќе се потрошат 435 милиони евра.

Ристовски тврди дека и покрај многуте ветувања, платите во јавната администрација не се зголемени од 2009 година.

Министерот за финансии Драган Тевдовски на првата средба со новинарите рече дека и покрај тоа што администрацијата е многу гломазна, ниту во еден момент не се размислува за намалување на платите.

– Јас цело време се залагам за повисоки плати во сите сектори, затоа што само така ќе се зголеми личната потрошувачка и ќе се раздвижи економијата. Платите во јавната администрација дури и се ниски. Еве ќе ви кажам еден пример. Потребни ни се ИТ-специјалисти, но тешко некој дека ќе се нафати за овдешните плати тоа да го работи, затоа што ИТ-инженерите во приватен сектор може да работат и за 1.000 евра плата – рече Тевдовски.

Платите на администрацијата учествуваат со 13 проценти во вкупните буџетски расходи од 3,35 милијарди евра планирани за годинава.