Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВо буџетот предвидени се повеќе пари за градинките и минималната плата, тврди Царовска

Во буџетот предвидени се повеќе пари за градинките и минималната плата, тврди Царовска

Предлог-буџетот на Министерство за труд и социјална политика e околу 700 милиони евра и е со највисок износ од сите владини ресори, а најголемиот дел од средствата одат директно кај граѓаните, рече денеска на прес-конференција, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

На презентацијата на предлог-буџетот, таа додаде дека повеќе пари се наменети за детски градинки и минимална плата, а укинати се нерационалните трошоци. МТСП ќе се фокусира на подобрување на опфатот на деца во детските градинки и подобрување на просторните и кадровски капацитети.

– Буџетот е дизајниран за поддршка на социјално загрозените категории, за инклузија и за помош на ранливите групи на граѓани. Имено, над 120 илјади граѓани се корисници на социјални надоместоци во износ од 8 милијарди денари. Тоа се средства наменети за правата од социјална заштита, детска заштита, цивилни инвалиди, борци и воени инвалиди итн – рече Царовска.

МТСП за активните мерки за вработување, предвидува околу 16 милиони евра, а за финансиска поддршка на фирмите, за исплата на минимална плата, планирани се 7.500.000 евра.

Министерката Царовска нагласи дека, во буџетот за идната година се намалени нерационалните трошоци за репрезентација во министерството и намалени се или укинати надоместоците за учество во комисии и работни групи, кои во изминатите години биле неоправдано високи.