Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВМРО-ДПМНЕ со нов обид за блокада на Собранието

ВМРО-ДПМНЕ со нов обид за блокада на Собранието

Собранието на Република Македонија на денешната петта пленарна седница треба да ги именува замениците министри предложени од премиерот Зоран Заев. При утврдување на дневниот ред на седницата во кој што оваа предлог точка е дополнително поднесена и ставена по скратена постапка се разви процедурална расправа иницирана од опозицијата.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ побара да биде повлечена точката бидејќи материјалот со предлозите за заменици министри го добиле синоќа во 01:30 часот по полноќ и немале доволно време да го разгледаат, а согласно Деловникот, вели, за тоа е предвидено време од 10 дена.

– Тоа е прекршување на Деловникот на Собранието и на парламентарната пракса и е спротивно на се она што досега и Џафери и Заев го говореа каква улога треба да има Собранието. Со ова законодавниот дом се претвора во машина за гласање. Со изборот на замениици министри ништо драстично нема да се промени, а ние од денеска имаме пракса од денеска за денеска да се избираат замници министри. Кога се бираше Влада имаше барем една ноќ, рече Димовски.

Претседателот на Парламентот Џафери рече дека ќе направи се да се надмине изгубениот период од шест месеци од работењето на законодавниот дом и оти поставувањето на оваа точка на дневен ред е согласно собранискиот Деловник кој предвидува точка на дневен ред да се стави и порано од 10 дена.

Откако седницата продолжи пратениците од опозицијата се обидоа со тропање по масите да ја попречат работата на Парламентот. Спикерот Џафери порача дека процедурално ќе дозволи обраќање на пратеници од опозицијата и побара да се организираат во пратеничка група.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека тие имаат право, но немаат обрска да се организираат во пратеничка група, а во однос на предлогот по скратена постапка да се бираат заменици министри рече не е итна постапка како онаа за Владата.

Пратеникот Томислав Тунтев од СДСМ упати апел дека согласно Деловникот, на парламентраното мнозинство и на парламентарните групи треба да им се дозволи да работат со цел, како што рече да почнат да се решаваат натрупаните проблеми кои се од интерес на граѓаните.

– Не може да се гледа само на правата на 51 независен пратеник, а да се запоставуваат правата на парламентарно мнозинство, рече Тунтев.

Откако беше утврден дневниот ред, Димовски, како што рече иако не се организирани во пратеничка група, побара еден час пауза за да се искоординираат пратениците од опозицијата околу нивната натамошна работа.

Спикерот Џафери на тоа даде едночасовна пауза иако пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не се организирани во пратеничка група, согласно договорот, кој како што посочи, го имале пред конститутивната седница каде дел од пратениците меѓу кои и Димовски настапувале како претстваници на пратиите кои се во Собранието.

Дневниот ред на седницата е надополнет и со Предлогот за измени и дополнувања на Законот за земјоделство и рурален развој по скратена постапка, со што се создаваат услови да почне исплатата на субвенциите на тутунарите за минатата реколта. Предлогот го образложи министерот за земјоделство Љупчо Николовски, а за негово ставање на дневниот ред поддршка дадоа 80 пратеници.

Претседателот на Собранието Талат Џафери на почетокот на денешната седница го отвори Законодавниот дом за граѓаните. Најави дека од денеска собраниските седници ќе бидат отворени за граѓаните кои сакаат и се во можност да ги следат, а пратениците ќе им бидат достапни за средби и надвор од салата на Собранието.