Thursday, Apr 18, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВМРО-ДПМНЕ предлага натпартиски договор за излез од кризата, без странскиот фактор

ВМРО-ДПМНЕ предлага натпартиски договор за излез од кризата, без странскиот фактор

ВМРО-ДПМНЕ денеска претстави „патоказ“ со цел, како што рече Антонио Милошоски на пресконференција, да понуди решение за излез од сегашната политичка криза, но и од можни идни политички кризи и случувања, а водејќи се од принципот за „единствена Република Македонија“.

– Создавање на натпартиски договор за секое идно принципиелно решавање на внатрешни разлики, во рамки само на институциите на државата, без странски агенди или претставници, и единствено од страна на легитимно избрани претставници на македонските граѓани. Внатрешно обединување против вмешување во внатрешните работи на Република Македонија, од страна на странски политичари или држави кои што се косат со концептот на почитување на суверенитетот или се спротивни на принципот за добрососедски односи. Заеднички да отфрлиме планови и платформи или агенди кои се надвор од нашето уставно уредување или се спротивни на македонските стратегиски-државни интереси. Или со други зборови, заеднички да создаваме планови и платформи и агенди кои што се во интерес на уставното уредување на Република Македонија и стратешките интереси на државата. Осуда на секој директен или индиректен ревизионизам на Охридскиот рамковен договор, кој е целосно вграден во Уставот на Република Македонија и нашето уредување – рече Милошоски.

Тој предложи неколку прашања и тези, за кои, како што рече, неопходно е најпрво транспарентно сите релевантни политички чинители да постигнат договор.

1. Да се усогласиме дали важноста на политичката пракса за коалицирање на победник со победник е фактор на дополнителна стабилност во државата, дали како таква треба да опстои или се отфрла сега и во иднина. Доколку се отфрла тоа би било во интерес на изедначување на гласот на секој пратеник, со сите логични последици од таков чекор?

2. Дали се прифатливи странските агенди во внатрешно-политички цели или пак единствено тие кои што се претставени и верификувани од граѓаните на Република Македонија на избори се актуелни, релевантни и продуктивни агенди за државата?

3. Дали при конституирање на Собранието, сегашното, но и во секој иден состав позицијата претседател на Собранието на Република Македонија логично би му следело на политичката коалиција или партија којашто победила на изборите или треба да биде предмет на надгласување?

4. Дали се сите политички актери согласни со задржувањето на мултикултурниот модел македонското општество со подеднаква промоција на сите заедници или се поддржува промена на овој моделот во двонационален, на сметка на повеќето не мнозински заедници?

5. Дали врвен приоритет во овој момент останува стабилизирањето на земјата, институциите, економијата и европските реформи за евроинтеграции како обединителна сила за сите граѓани, или пак сите овие приоритети треба да се заменат со редефинирање на односите помеѓу заедниците и државното устројство на Република Македонија?

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, пред неколку дена најави дека партијата ќе предложи политички документ за излез од кризата.