Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВМРО-ДПМНЕ ја поднесе четвртата интерпелација, овој пат за Тевдовски

ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе четвртата интерпелација, овој пат за Тевдовски

ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесе интерпелација и против министерот за финансии Драган Тевдовски, што е четврта по барањето за смена, по поднесената интерпелација заминистерот за земјоделство, Љупчо Николовски, за министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и за министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска

„Министерот за финансии, односно министерот за кратење и задолжување, Драган Тевдовски, со своето конфузно, неодговорно и некомпетентно работење во овие седумдесетина дена откако ја извршува оваа функција докажа пред нас пратениците и целата македонска јавност дека е поставен од страна на Зоран Заев единствено со цел да ги спроведува погубните политики на СДСМ. Единствено за што се грижи министерот за кратење и задолжување, Драган Тевдовски, е обезбедување средства со кои наголемо се спроведуваат партиските вработувања во државните и јавните институции додека потребите на граѓаните воопшто не се ни разгледуваат“, изјави Лилјана Кузмановска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.

Клучна причина за интерпелацијата за работата на Тевдовски, соред ВМРО-ДПМНЕ е неразвојниот ребаланс на буџетот за 2017 година, значителното намалување на капиталните расходи, засиленото и неосновано задолжување на граѓаните на домашниот пазар, зголемувањето на износот предвиден за задолжување на меѓународните финансиски пазари, непочитувањето на народните претставници во Собранието на Република Македонија и манипулирањето со економските податоци, параметри и индикатори.

Кузмановска истакна дека за неполни три месеци од доаѓањето на власт, Тевдовски го задолжи секој македонски граѓанин за нешто повеќе од 3.100 денари, односно 50 евра.

„На дневна основа министерот ја задолжува Македонија со 1.471.104 евра. Исто така, со ребалансот на буџетот за 2017 година се предвидени дополнителни 48 милиони евра повеќе за задолжување на домашниот пазар отколку што проектирала претходната влада, со што ќе се испумпаат 48 милиони евра од стопанството, од банките, од приватните инвеститори, средства што може да им помогнат на голем број мали и средни претпријатија, иноватори и големи претпријатија за проширување на својот капацитет доколку би ги имале на располагање“, рече Кузмановска.