Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВМРО-ДПМНЕ ги повика граѓаните да ја бојкотираат прославата на Илинден

ВМРО-ДПМНЕ ги повика граѓаните да ја бојкотираат прославата на Илинден

Делегација на ВМРО-ДПМНЕ денеска на Мечкин камен во Крушево положи цвеќе и се поклони пред споменикот на илинденците, несакајќи тоа да го стори утре, при официјалната прослава, бидејќи, како што рече Антонио Милошоски, не сака да дава легитимитет на „нелегално избрани функционери“. На официјалната прослава на Мечкин камен утре треба да се обрати претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери, чиј избор ВМРО-ДПМНЕ не го признава.

Членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, честитајќи им го празникот на сите граѓани на Македонија, ги повика и членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, но и граѓаните, да не присуствуваат на прослави организирани од СДСМ и од ДУИ. Како причина тој го наведе сомневањето дека може да бидат режирани инциденти.

– Ги повикуваме повторно сите наши членови, симпатизери и граѓани кои сметаат дека оваа порака е соодветна, да се воздржат од давање легитимитет на прослави организирани од владата на СДС и на ДУИ, затоа што цениме дека можно е со одлуки што го иритираат народот, како одлуката на господинот Џафери да се обрати на Мечкин камен, да се создадат услови или некој да смислил некои намерни инциденти што можат да ја нарушат честа и достоинството на Илинден, како еден голем македонски слободарски празник – рече Милошоски.

Во делегацијата, покрај него, беа и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и членовите на извршниот комитет на партијата, Дијана Транталоска и Златко Перински.