Thursday, Apr 18, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВМРО-ДПМНЕ бара за законот за јазиците да се гласа со двотретинско мнозинство

ВМРО-ДПМНЕ бара за законот за јазиците да се гласа со двотретинско мнозинство

Во едночасовната расправа за предлог законот за употреба на јазиците опозицијата го обвини парламентарното мнозинство дека сака набрзина да спроведе нешто што е неуставно, а кое што СДСМ не го најавил во изборната кампања за парламентарните избори.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека законот е неуставен и дека треба да се изнајде ново решение со кое би се овозможила праведна примена на јазиците односно да се вметнат членови во законот со кои ќе се гарантираат правата на сите граѓани без разлика дали се под или над 20 отсто од населението.

Пратениците од СДСМ реплицираа дека станува збор за закон со кој што ќе се надминат проблемите што не се разрешени во последните 16 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Тие им порачаа на своите колеги од опозицијата дека станува збор за закон кој што е целосно во согласност со амандманот 5 од Уставот и побараа да се напушат стравовите и сите пратеници конечно да почнат да работат за државните интереси наместо постојано да се случуваат празни политички надмудрувања.

Пратеничката Весна Темова од ВМРО-ДПМНЕ реагираше што овој закон се носи во нормална постапка наместо да се стави во категоријата на законите од посебен интерес кои треба да се изгласаат со двотретинско мнозинство.

По еден час расправа претседателот на Собранието Талат Џафери даде пауза до 15.30 часот кога се очекува да продолжи расправата за која има уште педесетина пријавени за збор.