Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВМРО-ДПМНЕ бара информации за новите вработувања во владата и администрацијата

ВМРО-ДПМНЕ бара информации за новите вработувања во владата и администрацијата

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“, согласно член 4 и член 12 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, поднеле барања до Владата, до сите министри, како и заменици претседатели на Владата да им бидат доставени податоци за тоа колку лица се вработени од формирањето на Владата.

„Поднесени се барања до сите министри во Владата, претседателот на Владата, Генералниот секретар на Владата, како и замениците претседатели на Владата во Секретаријатот за европски прашања и Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковен договор, преку кои бараме да ни бидат доставени податоци за сите вработувања кои што се случиле од формирањето на Владата на СДСМ до денес“, стои во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

Со овие барања тие, како што се наведува, ја искористуваат својата законска можност да добијат одговори за тоа колку нови луѓе се вработени или ангажирани по основ на договор на определено или неопределено време, како и работни односи по основ на договори на дело, авторски договори или други договори.

„Овие информации ги бараме поради фактот што јавноста секојдневно е сведок за вработувања на партиски војници, лица кои што одработувале за потребите на СДСМ и лица кои што се во директни роднински релации со функционери од власта. Овие вработувања се спроведуваат без никакви огласи и без почитување на постапките, процедурите и критериумите кои што се пропишани со законите“, стои во информацијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, бараните информации треба да се достават во рок од 30 дена.