Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВладите на Македонија и на Србија ќе имаат заедничка седница во февруари или март

Владите на Македонија и на Србија ќе имаат заедничка седница во февруари или март

Премиерот Зоран Заев и премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, на денешната средба во Белград се договориле владите на Македонија и на Србија на крајот на февруари или на почетокот на март да одржат заеднички седницa.

На пленарната средба, делегациите на двете земји разговарале за интензивирање на некои од заедничките проекти и за соработката на проектите за завршување на Коридорот 10, изградба на пруга Будимпешта – Белград – Скопје, како и за гасна конекција Врање – Куманово.

Заев, како што информира владината прес-служба, истакнал дека може да се продлабочи економската соработка во делот на инвестициите, како и да се засили поддршката на бизнис-иницијативите во информатичките технологии, иноватовните компании, технолошките паркови и во иновативните технологии.

Според него, соработката во дигитализацијата има потенцијал да ги олесни царинските формалности, роаминг-комуникацијата и во голема мера да ги олесни врските меѓу двете економии, бизниси и други проекти.

Двајцата лидери разговарале за соработката помеѓу двете министерства за внатрешни работи, за заедничка контрола на границите и справување со мигрантските процеси, како и за унапредувањето на заедниците на Србите и на Македонците во Република Македонија и во Република Србија.

Српската премиерка по средбата истакна дека посетата на Заев е важна за целиот регион.

– Регионалната соработка и регионалното поврзување е многу важно, затоа што без регионален мир и стабилност нема европска интеграција на Западен Балкан – изјави Брнабиќ која додаде дека на заедничката владина седница ќе бидат потпишани неколку важни договори.

Според Брнабиќ, посетата на македонскиот премиер е добар сигнал, кој говори за тоа дека сите меѓусебно отворени прашања треба да се решаваат со дијалог.