HomeДЕНЕШНАЕко ФакторВладините проекти комплетно ќе го уништат Охрид – единственото подрачје заштитено од УНЕСКО

Владините проекти комплетно ќе го уништат Охрид – единственото подрачје заштитено од УНЕСКО

eko-5

Дали меѓународните механизми можат да го спречат уништувањето на Охрид и Галичица? Еколошките здруженија денеска поднеса жалба пред Постојаниот комитет на Бернска конвенција во Стразбург поради сомнежот дека планираните развојни проекти на брегот на Охридското Езеро и во Националниот парк „Галичица”, ќе нанесат штета на над 260 строго заштитени видови со Конвенцијата за заштита на европскиот див свет и природните живеалишта.

Здруженијата на граѓани „Фронт 21/42” и „Еко-свест“ алармираат дека проектите кои ги планира Владата комплетно ќе го уништат биодиверзитетот во овој регион, а ни се заканува и суспензија од УНЕСКО. Комитетот за светско наследство при УНЕСКО во јули годинава, ја изрази својата загриженост во однос на планираните проекти. Беше истакната и можноста во 2017-та година Охридскиот регион да се најде на Листата на светско наследство во опасност.
ohridsko-ezero (1)
„Во светот има само 35 подрачја кои се прогласени и за природно и за културно светско наследство. На листата покрај Охрид се наоѓаат и легентарните Мачу Пукчу и Ибица, како и древниот град на Маите – Калакмул во Мексико. Македонците го перцепираат Охрид како место за викенд, а не како ретка природна појава. Токму тоа го уништува градот, езерото и целокупниот биодиверзитет. Мора граѓаните да станат свесни какво богатство имаме. Имајќи предвид дека Охридско Езеро и Галичица се дел од Емералд мрежата на Македонија (кои по влез во Еворпската Унија ќе бидат дел од НАТУРА2000 мрежата), а со планираните инфраструктурни проекти се загрозуваат над 260 строго заштитени видови со анексите на Бернската конвенција ние денес ја инициравме оваа жалбена постапка пред Постојаниот комитет на Бернска Конвенција“ – изјави Александра Бујароска од Фронт 21/42.

Проектите кои ги планира владата вклучуваат: пресушување на Студенчишко Блато заради изградба на комплекс луксузни апартмани, уништување на природниот брег и сечење на еден од последните појаси на трска кај Лагадин заради изградба на медитеранска плажа со бетонска платформа, уништување на строго заштитените изворите кај Свети Наум заради изградба на огромен туристички комплекс, уништување на 830 хектари заштитено подрачје и голем број на живеалишта во Националниот парк „Галичица”, заради изградба на магистрален пат, ски центар со голем хотел и викенд населба.
ohrid-proekti
Пресушувањето на Студенчишко Блато ќе го пресуши и езерото, а предвидениот експресен пат Охрид – Пештани ќе ја уништи Галичица. Освен тоа, на местото каде е предвиден ски центарот воопшто нема снег.

„Ако се качите на Галичица зимно време ќе видите дека на делот кадешто е планиран ски центарот воопшто и нема снег. Дури и кога ќе наврнат големи количини снег, тој дел останува кафеав – снегот таму не се задржува“ вели Александра Бујароска од Фронт 21/42.
studencisko-blato
Инаку, за експресниот пат Охрид – Пештани се чека одобрување на кредит од Европската банка за обнова и развој. ЕБОР даде кредит и за проектот Бошков Мост во Маврово, но по жалбите на екологистите, одлуката беше суспендирана. Здуженијата велат дека овој пат апелираат навреме за да не се повтори истиот пример.

„Ние сметаме дека Македонија не може да ги исполни обврските од Конвенцијата доколку ги спроведе планираните проекти. Сметаме дека во заштитено подрачје треба да се направат напори да се спроведат проекти кои се одржливи и не ја загрозуваат изворноста на подрачјето. Примерот со експресниот пат како единствено решение за решавање на сообраќајот е јасен показател дека не биле разгледани други алтернативи. Во соработка со проф. Бужаровски од Универзитетот во Манчестер, Еко-свест изготви решение за Смарт Охрид кое комплетно го решава проблемот со метежот, бучавата и загадувањето, а воедно носи придобивки за локалното население и општината.“ – изјави Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест.
eko-1
eko
Исто така, според проценките овие проекти не се добри ниту за локалните жители, бидејќи единствени кои ќе имаат придобивки се инвеститорите, додека локалците повеќе нема да можат да се занимаваат со локалниот туризам.

Фронт 21/42 во јули започна кампања ,,Едно е! Вредно е! Да го зачуваме нашето единствено УНЕСКО подрачје – Охридскиот регион!”. Водечки цели на кампањата се целосна имплементација на Законот за управување со светското природно културно наследство во Охридскиот регион на УНЕСКО и стопирање на овие штетни проекти.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com