Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаВладиниот судир со ЕЕЗ околу Макпетрол скапо би ги чинел граѓаните

Владиниот судир со ЕЕЗ околу Макпетрол скапо би ги чинел граѓаните

Евентуалниот посериозен судир меѓу Владата и Европската енергетска заедница околу Макпетрол би значел санкции од Европската унија кон Македонија и би предизвикал последици кои би ги почувствувале сите граѓани, сметаат експертите, пишува А1он.

Владата и ЕЕЗ во последните години имаа серија конфронтации околу енергетските политики, главно околу либерализацијата на пазарот за електрична енергија.

Во последните недели, актуелно беше писмото од ЕЕЗ со кое се бараат одговорина отворените прашања околу обидот за непријателско преземање на Макпетрол, на кое македонските државни институции и нaтаму не одговараат. Ваквиот однос на властите кон оваа важна европска организација, чија членка е Македонија, според експертите, може да резултира со сериозни санкции кон земјава.

ЕЕЗ веќе спроведе мерки против други земји од регионот, кои одбиваа да ги спроведат преземените обврски кон организацијата и да ги усогласат енергетските политики кон европските. Последен пример е Србија, каде ЕЕЗ деновиве се заканува со санкции поради тоа што го одложува одвојувањето на преносниот систем од дистрибуцијата на гас во земјата. Според првиот човек на ЕЕЗ Јанез Копач, земјата поради ова од октомври годинава би можела да ги изгуби средствата од ИПА фондовите наменети за енергетиката.

Претходно, санкции од ЕЕЗ имаше и кон Босна и Херцеговина, на која и беа запрени милиони евра помош од ЕУ за енергетскиот сектор. Иако во моментов претседава со Енергетската заедница, БиХ поради прекршувањата на обврските и натаму нема пристап до европските енергетски фондови.

Дали и на Македонија и се заканува слично сценарио поради „тивкиот“ конфликт со ЕЕЗ околу Макпетрол?

Пред повеќе од еден месец, Секретаријатот на Европската енергетска заедница испрати писмо до Министерството за економија, Регулаторната комисија за енергетика и Комисијата за заштита на конкуренцијата, во кое бара од македонските институции одговори на повеќе прашања околу обидот за преземање на Макпетрол.

Во писмото, ЕЕЗ наведе дека Макпетрол заедно со државата е сопственик на компанијата ГА-МА, која управува со гасоводната мрежа во земјава, па затоа е важно да се знае кои се луѓето што би ја презеле македонската гасоводна мрежа. Евентуалното преземање, според ЕЕЗ, може да го наруши стабилното снабдување на земјата со нафтени деривати, па затоа институциите треба да ја истражат сопственичката структура на „Балкан Петролеум“, како и на кипарската „Даволиа“ и фирмите од Британските девствени Острови, „Далиа“ и „Воландес“, од кои потекнува анонимната офшор-фирма основана пред неполни два месеца со капитал од само 1000 фунти.

Властите засега ги игнорираат прашањата од ЕЕЗ, што ги засилува стравувањата дека се подготвува нов владин судир со Енергетската заедница, кој би ги чинел граѓаните милиони евра поддршка за енергетиката од Европската унија.