Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВладата со државни и воени почести ќе ги пречека Борисов и бугарската делегација

Владата со државни и воени почести ќе ги пречека Борисов и бугарската делегација

Владата на Република Македонија и премиерот Зоран Заев утре со сите државни и воени почести ќе ја пречека високата бугарска владина делегација, предводена од премиерот Бојко Борисов, соопшти владината прес-служба.

Официјалната церемонија за добредојде на бугарската делегација, која е во дводневна посета на Македонија, ќе се одржи на платото пред Владата со интонирање на државните химни на Република Македонија и на Република Бугарија, рапорт на командантот на почесната воена гардиска единица, поздрав на знамето на Република Македонија, обиколка на почесната воена гардиска единица и со поздравување од страна на бугарскиот премиер Борисов.

По церемонијата е предвидена тет-а-тет средба меѓу Заев и Борисов. Во средбата е предвиден и билатерален состанок на двете делегации, по што на посебна церемонија, премиерите ќе го потпишат договорот за пријателство, добрососедство и за соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија. Во рамки на церемонијата ќе бидат потпишани и меморандуми за соработка во повеќе области.

По потпишувањето на договорот за добрососедтво, двајцата премиери ќе одржат и заедничка прес-конференција.

Програмата на посетата на владината делегација на Република Бугарија продолжува со работни билатерални средби на одделни министри на двете делегации.

Во рамки на утрешниот ден, бугарската висока делегација ќе се сретне со претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери, како и со претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов.

На вториот ден од официјалната посетата, во рамки на прославата на 2 август, двајцата премиери ќе го посетат и ќе се поклонат пред гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев, каде македонскиот премиер Заев ќе има свое обраќање по повод празникот.