Tuesday, Apr 16, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВладата сака да се ограничи употребата на гумените куршеми

Владата сака да се ограничи употребата на гумените куршеми

Премиерот и министрите на синоќешната 43 седница ги усвоија измени на Законот за полиција со кои ќе се ограничи употребата на гумени куршуми.

„Најавуваме измени и дополнување на Законот за полиција со којшто ќе се ограничи употребата на средства за присила како што се гумените куршуми, хемиски средства и слично“, соопшти портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, во виде клип објавен на неговиот профил на „Твитер“.

Тој соопшти дека основна цел на измените е да се намалат штетните последици од нивната примена.

Како што соопштија од Владата, предлог-измените тргнуваат од недореченостите кои се однесуваат на дискреционото право на полициските службеници при примената на овие средства за присилба и од недостигот на одредби со кои се уредува рангот на полициски службеник кој ја одобрува употребата на наведените средства за присилба.

„Во анализите се укажува и на потребата од додефинирање на начинот, условите и ситуациите на употреба на електричниот парализатор и гумените куршуми. Исто така, со предлог-измените се препорачува доуредување на материјата за користење на средствата за присилба со јасно утврдени процедури и правила, траење и интензитет на користењето, ограничување кога може да се користат, како и мерки за претпазливост и заштита на здравјето“, стои во соопштението.

Предлог законот ќе биде усогласен согласно меѓународните стандарди.

Актуелниот Закон за полиција, кој беше изгласан во 2015 година, и овозможува на полицијата да користи гумени куршуми и електрични пиштоли за справување со агресивни демонстранти, со цел „привремено онеспособување и доведување во послушност на агресивни лица, кога со други средства лицето не може да се доведе во послушност“.