Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВладата првпат соопшти каде и колку ќе одмараат премиерот и министрите

Владата првпат соопшти каде и колку ќе одмараат премиерот и министрите

Владата денеска преку својата прес-служба за прв пат откри каде премиерот и неговите министри ќе летуваат и колку дена одмор ќе искористат. Според податоците од соопштението, Заев и министрите годишните одмори ќе ги минат во земјата и во земјите од соседството, но дел од владиниот тим летото планира да го мине работно и да ги користи само викендите.

Најмногу одмор, односно пет дена има пријавено министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерката за труд и социјала Мила Царовска и министерот за култура Роберт Алаѓозовски. Министерката за одбрана и министерот за култура ќе летуваат во Грција, додека Царовска се уште нема утврдено каде ќе одмора.

Веднаш по нив се премиерот Зоран Заев кој со семејството ќе мине четири дена одмор во Охрид, но не ја исклучува можноста за викенд-одмори, ако тоа го дозволат обврските. Четири дена одмор ќе користат и министерот задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, кои ќе ги мине во Грција, а еден викенд ќе мине и на Фестивалот „Опен“ во Струмица.

Без прецизен број на денови одмор се министерот за финансии, Драган Тевдовски, кој со семејството ќе престојува во Грција, министерот за здравство, Арбен Таравари, кој ќе одмора во Бугарија, министерот за надворешни работи Никола Димитров, како и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски Димитров и Манчевски ќе одмораат во Грција. Министерот за економија Крешник Бектеши ќе биде во Албанија и во Струга, а министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Рамиз Мерко ќе помине неколку денови со семејството во родната Струга. Министерката без ресор за странски инвестиции Зорица Апостолска ќе ја искористи последната недела од август да оди на одмор со семејството и ќе ги посети фамилијарните куќи во Отешево и Лазарополе.

Испланиран одмор засега немаат министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, министерката за образование и наука Рената Тренеска Десковска, министерот за правда Билен Саљији и заменикот на претседателот на Владата, задолжен за спроведување на Рамковниот договор и политички систем.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески ќе одмараат, но немаат пријавено ниту број на денови, ниту пак каде ќе летуваат.

Дел од министрите годинава нема да одат на одмор, туку ако им дозволат работните обврски ќе користат викенди. Меѓу нив се вицепремиерот за економските прашања, Кочо Анѓушев, вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, министерот задолжен за комуникации транспарентност и отчетност, Роберт Поповски, вицепремиерот за за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, Зоран Шапуриќ, вицепремиерот за подобрување на состојбата на Ромите, Самка Ибраимовски, како и вицепремиерот за странски инвестиции, Аднан Ќахил.