Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВладата ќе субвенционира породилно отсуство

Владата ќе субвенционира породилно отсуство

Владата вчера на седница го усвои Предлог законот за дополнување на Законот за вработување, кој овозможува поволност за работодавачот, односно да има можност за време додека има работник на породилно отсуство, да вработи друго лице кое ќе работи за периодот додека трае породилното отсуство на работникот кој го заменува и притоа за тој период да биде ослободен плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување.

Ова денеска на прес-конференција го истакнаа вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на која информираа дека мерката е дел од пректот „Македонија вработува” со кој до денеска се вработени над 5.000 лица.

– За користење на оваа мерка, обврски на работодавачот е работникот за кој се користи ослободување да го распореди на истото работно место на кое работел работникот кој користи породилно отсуство, и да му се исплаќа иста нето плата. Работодавачот е обврзан по истекот на породилното отсуство на работникот и негово враќање на работа, да го задржи истиот на работа уште најмалку за истиот период за којшто бил ослободен од плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување и работодавачот од приватниот сектор за да ја користи мерката не смее да има неисплатени плати, придонеси од задолжително социјално осигурување и даноци повеќе од два последователни месеци, информира Пешевски.
pesevski
Според него, овој Предлог закон ќе му овозможи на работникот кој користи породилно отсуство да има одреден вид гаранција дека по завршувањето на породилното отсуство ќе се врати на работа на своето работно место. За министерот Спасов, ова е позитивна стимулативна мерка со која ќе се влијае на намалување на злоупотребите на правото на користење на породилно отсуство за мајките и минимизирање на случаите на мобинг врз бремените жени.

– Утврдени се и заштитни механизни и мерки кои ќе бидат преземени со цел доследна примена на законот. На овој начин државата ќе го стимулира зголемувањето на наталитетот, при што ќе се стимулира вработувањето млади жени во компаниите, ќе се намалат случаевите на мобинг како и притисоците врз жената работник во делот на користење на правото на породилно отсуство, појасни Спасов.

Министерот потсети дека фокус на Владата е работникот, односно правата на жената работник додека е бремена и додека трае породилното отсуство.

– Предвидовме решение со кое работничка доколку роди повеќе деца одеднаш (близнаци, тројка и повеќе) има право на платено породилно отсуство од работа во траење од 15 месеца непрекинато. Исто така воведовме можност за сите мајки по завршување на отсуството од работа поради бременост, раѓање и родителство, имаат право на неплатено родителско отсуство до три месеци во периодот до навршување на тригодишна возраст на детето, рече Спасов.