Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВладата ќе разреши директорите на УБК и БЈБ – кој ќе седне на местото на Атанасовски и Чавков

Владата ќе разреши директорите на УБК и БЈБ – кој ќе седне на местото на Атанасовски и Чавков

Новата Влада денеска треба да одржи седница на која, според најавите, на дневен ред ќе биде разрешувањето на актуелните директори на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Владимир Атанасовски и Митко Чавков.

Ќе се расправа и за состојбите и напредокот во процесот на европска интеграција, користењето на фондовите од ЕУ, како и за реализацијата на приоритетите на РМ за влез во НАТО.

По нивното разрешување, се очекува Владата да именува нови директори на двете најважни организации во рамките на Министерството за внатрешни работи.

Во јавноста досега се појавија шпекулации за неколку личности што би можеле да бидат именувани на овие позиции, но ниту премиерот Зоран Заев, ниту министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, или кој било друг владин функционер, не сакаа да ги коментираат шпекулациите.

Инаку, сегашните директори на УБК и на БЈБ, беа поставени од техничката влада што ги спроведе изборите на 11 декември, како кадри на ВМРО-ДПМНЕ.

И Чавков и Атанасовски се посочени во извештајот на работната група на МВР како одговорни за ненавременото и непрофесионално дејствување за време на насилствата во Собранието на Република Македонија од 27 април, кога беа нападнати и повредени пратеници, новинари и граѓани.

Чавков важеше за човек од доверба на претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ и лице преку кое партијата го контролираше МВР, по оставките на Гордана Јанкулоска и на Сашо Мијалков.

Атанасовски неколкупати беше критикуван и поради опструкциите на работата на Специјалното јавно обвинителство, на кое не му дозволуваше увид во системите за прислушување и во документацијата поврзана со незаконското следење на комуникациите.