Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВладата ќе потроши 52.000 евра за стилски мебел

Владата ќе потроши 52.000 евра за стилски мебел

Владата ќе потроши 52.000 евра за стилски мебел. Маса во стилот на Луј 15, столови како од 30-тите години, перници исполнети со мемори-пена и пердуви со извонреден квалитет, фотелји тапацирани во „натурал“ кожа со боја на „кралско“ вино, рачно ткаени килими од 100 % волна… Со ваков мебел ќе се опреми дел од старо-новата владина зграда – пишува Утрински весник.

Најпрефинето ќе се опреми делот наменет за одмор. Планирано е таму да се смести една маса во француски стил од времето на Луј 15 со 12 стола со форма во стилот на 30-тите и со ногалки од масивно буково дрво, како и две фотелји во модерен стил, со дрвена конструкција, а тапацирани во „натурал“ кожа со боја на „кралско“ вино. За оваа соба ќе се купи и модерна таканаречена клуб- маса со ногалки од јасен, како и аголна гарнитура составена од шест парчиња, меѓу кои и една лежалка со десен наслон.

Во објавената набавка е напомнато дека се бара и мебел за опремување на тераса. За таму, Владата бара да купи тросед и двосед без наслони изработени од дрвена конструкција, а се инсистира перниците на мебелот да се исполнети со мемори-пени и пердуви со извонреден квалитет. За терасата ќе се купат и по две клуб-маси и помошни масички, четири мали маси и една ТВ- комода. Од канцелариски мебел ќе се набавуваат 10 работни столови, една маса за состаноци, една клуб-маса… Владата бара да купи и три килими со максимум димензии 3 на 2 метри. Треба по состав да се 100 отсто волна на лицето и 100 отсто памук на опачината. „Килимот да биде рачно ткаен, со карактеристични крупни видливи бодови, во антрацит или кафеава боја“, стои во описот на објавената набавка.

„Ова, всушност, се набавки за доопремување на некои простории. Генерално, ќе се искористи стариот мебел, но неопходно беше и дел да се докупи. На пример, како за прес-центарот“, ни изјави вчера Васе Доневски, директор на владината служба.

Тој посочи дека со оваа набавка, практично, привршуваат активностите за доопремување на владината зграда. Неодамна е набавено планираното зеленило, кое ќе се засади откако ќе поминел студениот бран. Дрво на животот, чемпреси, по некое борче, но не палми и рози, ќе го красат владиниот двор и дел од холовите. При крај е, информира Доневски, и инсталирањето на системите за ладење и за греење. „Очекуваме за месец до два објектот да биде комплетно готов“, додава Доневски.

Инаку, досега за реконструкција на зградата се потрошени 11 милиони евра, сума која е јавно прикажана од објавените зделки. Речиси 10 милиони евра се потрошени само за фасадата, еден милион за терасата, 700.000 евра за оградата… Остана непознато колку пари ја чинеа Владата седумте скулптури поставени над влезот и комплетното уредување со мебел и друга опрема.