Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаВладата и ЕВН Македонија со различен план за евтината струја

Владата и ЕВН Македонија со различен план за евтината струја

Владата и ЕВН Македонија со различен план во однос на рокот за воведување на дневната евтина струја. Од Илинденска број 2 очекуваат на први октомври мерката, која ја најавуваат на големи ѕвона, да стартува за сите домаќинства и мали потрошувачи, пишува „Алсат-М“

Според министерот за економија, Крешник Бектеши, од тој датум сите броила треба да мерат евтина тарифа во периодот помеѓу 14:00 и 16:00 часот.

„ЕВН има време до први октомври и има обврска да ги смени, не да ги смени туку да ги прилагоди сите броила.“ – изјави Крешник Бектеши, министер за економија

Од ЕВН Македонија велат дека тоа не е возмножно. Компанијата денеска ќе одлучува за динамиката со која ќе се врши прилагодување на броилата, но од таму велат дека физички не е возмножно до први октомври да се изврши адаптирање на вкупно 800.000 броила.

„Ќе се адаптираат во четири групи во текот на октомври согласно отчитувачките периоди во месецот. Сѐ уште се прават софтверски подготовки, по што ќе следи тестирање за да се избегнат грешки при сетирањето на броилата. Вкупно има 800.000 броила кои мора рачно да се сетираат за да се пресметува колку киловатчаса потрошил корисникот во евтина тарифа.“ – велат од ЕВН Македонија

Корисниците на ЕВН се поделени во четири отчитувачки групи кои се распоредени во периодот од 1 – ви до 28 – ми во месецот. Ова значи дека некој ќе добие двојно поевтина струја два часа во текот на денот на први октомври, друг на 10 – ти, трет на 20 – ти октомври. Тоа пред сѐ ќе зависи во која отчитувачка група спаѓа броилото на потрошувачот. Во денешното издание на Службен весник е објавен новиот тарифен систем за продажба на електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи што го донесе Регулаторната комисија за енергетика по барање на Владата. Тоа значи дека ЕВН може официјално да ја почне постапката за враќање на дневната евтина струја.