Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВладата го усвои ребалансот на буџетот и донесе одлука за струшката депонија

Владата го усвои ребалансот на буџетот и донесе одлука за струшката депонија

Владата на Република Македонија на вчерашната седница го усвоила предлогот за изменување и за дополнување на буџетот на Република Македонија за 2017 година, по завршената амандманска расправа во собраниските комисии. Со оваа верзија на ребалансот, дополнета со амандмани од пратениците, се определуваат дополнителни 25 милиони денари по одредени ставки и се пренаменуваат пари во согласност со потребите на буџетските корисници, се вели во владиното соопштение.

На седницата, донесена е и одлука за итно решавање на проблемот со депонијата во Струга. Министерството за финансии и Генералниот секретаријат на Владата добиле задолжение да обезбедат пари за безбедно и економично да се транспортира сметот од струшката депонија до други безбедни депонии во земјава. Исто така, се ангажираат чувари кои ќе ја надгледуваат целата локација, за да превенираат можни идни проблеми.

Истовремено, владиниот кабинет ја усвоил информацијата за проектот за поедноставување на процедурите за известување и за плаќање на персонален данок на доход, кој е финансиран од ИПА-фондовите.

На владината седница, е разгледан и усвоен меморандумот за соработка во полето на природниот гас помеѓу Министерството за економија на Македонија и Министерството за енергетика на Бугарија и министерот за економија бил овластен да го потпише документот. Според Владата, соработка ќе овозможи можност за нова директна врска помеѓу двата системи за природен гас на двете земји.

На седумнаесеттата владина седница биле донесени и заклучоци повразни со организацијата на институционалната прослава на националниот и државен празник 2 Август – Ден на Републиката. Владата определила и членови на организациониот одбор за прослава на државниот празник.