Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВладата ги утврди насоките за реформските приоритети – ќе изготви „Патоказ“ за нивна имплементација

Владата ги утврди насоките за реформските приоритети – ќе изготви „Патоказ“ за нивна имплементација

Владата на денешната седница утврди насоки за реализација на реформските приоритети важни за евроатлантските интеграции на Македонија.

„Уште од утре, работни групи на различни владини нивоа почнуваат со дефинирање сет мерки за краткорочен 3-месечен план, како и за среднорочни планови од 6 и 9 месеци, за реализација на клучните реформски приоритети на Република Македонија. Станува збор за изготвување документ – Патоказ, со дефинирани обврски на Владата во делот на реформскиот процес важен за евро-атлантските интеграции“, се наведува во соопштението од прес службата на владата.

Во контекст на вчерашните препораки од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, владата констатирала дека е потребно да се работи на обезбедувањето професионални институции, владеење на правото, услови за објективно функционирање на медиумите, антикорупциски мерки. Исто така е констатирана и потребата од безбедносни и одбранбени реформи, со цел вистинска модернизација и професионализација на АРМ.

Владата, на денешната седница, го продолжи рокот за земјоделците, за аплицирање за субвенции до 15 септември, од сегашниот рок 30 јуни и ги усвои измените и дополнувањата на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2017 година, со што ќе се овозможи обесштетување на земјоделците кои имаат штети од поплавите во тетовско на почетокот на јуни годинава, како и за земјоделците кои претрпеа штети од пролетните мразеви 2016 и 2017 година. На седницата беа донесени измени и дополнувања на Законот за земјоделство и рурален развој по скратена постапка, со што се создадени услови да отпочне исплатата на субвенциите на тутунарите за минатата реколта.

Владата денеска го именуваше министерот за финансии, Драган Тевдовски за гувернер за Македонија во ЕБОР, како и за гувернер во Групацијата Светска банка. За заменик гувернер за Македонија во ЕБОР, како и во Групацијата Светска банка е именуван вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

На денешната владина седница е констатиран прекин на мандат на градоначалникот на општина Боговиње, како и на градоначалникот на општина Липково со што се создадени услови за именување в.д. градоначалник од редот на советниците во општината, до следните локални избори.