Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВладата ги разреши управните и надзорните одбори, но не назначи нови

Владата ги разреши управните и надзорните одбори, но не назначи нови

На 14-та Седница на Владата на Република Македонија, што се одржа денеска, донесени се повеќе заклучоци и одлуки во интерес на граѓаните на Република Македонија.

Во интерес на транспарентно и навремено известување за активностите на Владата на Република Македонија, на денешната владина седница беше одлучено Миле Бошњаковски да ја извршува функцијата портпарол на Владата на Р.Македонија.

Беше заклучено дека огромното искуство и професионалниот капацитет што Бошњаковски ги поседува во областа на комуникациите, е цврста гаранција за понатамошното транспарентно, навремено и отчетно информирање на граѓаните за активностите на Владата на Република Македонија.

Со цел да спречи понатамошни штети по Буџетот на Република Македонија од неодговорното однесување на дел од членовите на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија, за кои постојат информации дека биле потпишувани штетни менаџерски договори и дека биле именувани луѓе на менаџерски позиции со надоместоци со астрономски износи, Владата на Република Македонија усвои решенија за разрешување на членови на сите управните и надзорни одбори на јавните претпријатија, јавните здравствени установи, јавните установи за социјална работа, агенции и други правни лица. Исто така, одлучено е да се отповикаат членови на комисии и членовите на секој надзорен одбор и одбори на директори од акционерските друштва во државна сопственост, а за Регулаторните тела да се достави предлог за разрешување на управните одбори до Собранието на Република Македонија.

Владата на денешната седница ја именува Радмила Шекеринска за претседател на Организациониот одбор за прославата на државниот празник 2 Август – Ден на Републиката.

Владата денеска ја разгледа и усвои информацијата за статусот на спроведување на проектот Национален портал за електронски услуги за граѓаните, поддржан со средства од ИПА фондовите, за што беа задолжени одредени министерства и државни институции. Од нив се очекува во најскоро време да ги утврдат приоритетните услуги што им се нудат на граѓаните со цел да се направи селекција на најважните 50 сервиси, што граѓаните ќе ги добиваат по електронски пат.