Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВладата ги разреши Кржалоски, Петровски и портпаролот Ѓорѓиев и најави ревизија за новиот Клинички

Владата ги разреши Кржалоски, Петровски и портпаролот Ѓорѓиев и најави ревизија за новиот Клинички

Владата на вчерашната седница го разгледала планот за изградбата нов објект на Клиничкиот центар во Скопје, при што констатирала повеќе проблематични делови во врска со постапката, локацијата и со други прашања поврзани со проектот, стои во соопштението од владината прес-служба.

„Донесена е одлука премиерот, министерот за здравство и заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања да одржат состанок со претставници на Европската централна банка за да се најде соодветно и трајно решение за новиот клинички центар, како исклучително значајно прашање за потребите на граѓаните од цела Македонија“, се вели во соопштението.

На седницата биле формирани и три координативни тела кои ќе работат на постигнување поголеми резултати во ангажираноста на домашните компании при реализацијата на странските инвестиции, на анализа на мерките за привлекување странски инвестиции, како и на мерки за консолидација на енергетиката заради реализација на квалитетна државна енергетска стратегија.

Премиерот и министрите, исто така, го разгледале извештајот за работењето на Инспекцискиот совет, а поради констатираните злоупотреби на инспекциски служби, донесен е заклучок за утврдување стратегија за слабостите и за предностите во функционирањето на Инспекцискиот совет во функција на негова објективна и непристрасна работа.

На денешната владина седница донесени се повеќе кадровски одлуки. Разрешен е досегашниот портпарол на Владата, Александар Ѓорѓиев, како и в.д. директорот на ЈП „Службен весник“, Лука Кржалоски. На местото на Кржалоски е назначен Мартин Костовски. Дарко Каевски доаѓа на челното место на Агенцијата за млади и спорт, на местото на досегашниот директор Марјан Спасески. Разрешен е и досегашниот директор на Државниот архив на Република Македонија, Филип Петровски, а негов наследник е Кирил Петров.

И Државниот завод за статистика доби нов директор, односно Апостол Симовски доаѓа на местото на Лидија Костовска, додека Спасе Глигоров ќе раководи со Агенцијата за администрација, со која досега директоруваше Жаклина Николовска.